СТРУШКИОТ АДВОКАТ ЌАТОСКИ ПОДНЕСЕ ИНИЦИЈАТИВА ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ДА БИДЕ ОСНОВИЦА ЗА ПРЕСМЕТКА НА ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИ

    СТРУШКИОТ АДВОКАТ ЌАТОСКИ ПОДНЕСЕ ИНИЦИЈАТИВА ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ДА БИДЕ ОСНОВИЦА ЗА ПРЕСМЕТКА НА ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИАдвокатот Глигор Ќатоски, минатата година поднесе иницијативата до Уставен суд за укинување на апажаната за сите функционери, со што се укинаа членот 22 од Законот за плати и други надоместоци на избрани или именувани лица. (Фото: СДК.МК)

    Струшкиот адвокат Глигор Ќатоски до парламентарните партии поднесе иницијатива за измена на членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со која основицата за пресметка на платата на функционерите ќе се утврди како минималната исплатена месечна плата по вработен за претходната година. Според него, избраните и именувани лица треба да покажат солидарност со својот народ во време кога земјата се соочи со коронакриза, економска криза како и криза предизвикана од воениот конфликт во Украина.

    Со одлуката на Уставниот суд на 21 март годинава, се укинаа одредби од Законот за плата и други надоместоци, со што значително ќе се зголеми основицата за пресметување на плата на функционерите и ќе овозможи зголемување на платата за 78 отсто.

    „Етички и морално да се направи е функционерите да покажат доблест и солидарност со својот народ, да направат соодветни законски измени за да не го дозволат тоа покачување на нивните плати, коешто е прилично големо“, вели Ќатоски.

    Ќатоски смета дека ваквата измена е неопходна оти финансискиот надоместок на избраните и именуваните функционери не треба да биде основен стимул за висока државна функција, туку одговорноста да се придонесе за општото добро и јавниот интерес.

    „На овој начин повторно функционерите ќе добиваат и повеќе од просечните плати, но ќе покажат дека се солидарни со народот, а од друга страна ќе покажат и дека функцијата ја преземаат не заради финансиски привилегии туку заради чин одговорност на секој поединец да придонесе за општото добро и јавниот интерес како прашање на чест а не како прашање поврзано со привилегии“, додава Ќатоски.

    Уставниот суд минатиот месец со одлука за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на избрани и именувани лица овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто. Со одлуката се опфатени и уставните судии, но и платите на премиерот, претседателот, собранискиот спикер и сите вршители на јавни функции. Повисоки плати ќе добијат и замениците министри, градоначалниците како и директорите во државни фирми и агенции.

    Адвокатот Глигор Ќатоски, минатата година поднесе иницијативата до Уставен суд за укинување на апажаната за сите функционери, со што се укинаа членот 22 од Законот за плати и други надоместоци на избрани или именувани лица. Со тоа оние функционери, пратеници, коишто дале оставка пред истекот на мандатот или пак биле разрешени, во иднина нема да можат да добиваат апанажа која може да трае од три месеци па до една година.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира