Јавното претпријатие за државни патишта на оглас бара помошник на главниот и одговорен координатор на проектот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10д, Артан Груби. Помошникот на Груби треба да биде градежен инженер со најмалку 6 години работно искуство во струката и за него е предвидена нето плата од 70.052 денари.
Покрај помошникот на координаторот, во истиот оглас, Државни патишта има отворено позиции за уште 27 работни места поврзани со изградбата на автопатиштата Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола.
Градежен инженер се бара и за позицијата координатор на единицата за техничка изведба на проектот, за кого е предвидена плата од 65.029 денари. За позицијата известувач за проектот е предвидена плата од 45.045 денари и тука се бара само високо образование, без конкретна насока.
Ќе се вработат и четворица „специјалисти за експропријација“, кои од образование треба да имаат Правен факултет или други општествени науки или Јавна управа и администрација. И нивната плата ќе биде 45.045 денари.
Според огласот, вработувањата ќе бидат на определено време до 22.01.2028 година кога треба да заврши проектот. Рокот за пријавување е до 25 април.
Автопатиштата од коридорите 8 и 10д ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за 1,3 милијарди евра, според првичните проценки.