Хари Белафонте, пејачот и актер кој уриваше расни бариери во САД, почина во својот дом во Менхетн на 96 години од срцеви проблеми. Покрај тоа што важи за една од најуспешните афроамерикански поп ѕвезди на сите времиња, тој имаше огромен придонес и како активист за правата на црнците во САД.
Често нарекуван Кралот на калипсото, Белафонте е роден во Харлем во 1926 година. По службата во војската за време на Втората светска војна, тој решил да го реализира својот сон да стане актер, а за да ги плати часовите по глума, пеел во њујоршки клубови, придружувајќи групи во кои свиреле и џез легендите Мајлс Дејвис и Чарли Паркер.
Така потпишал договор со дискографска куќа, а во потрага по материјал, се фокусирал на калипсото, карипски стил на музика со кој пораснале неговите родители. Тој потоа го прославил овој стил со хитови како „Banana Boat Song“ и „Jamaica Farewell“, кои се најдоа на неговиот трет албум „Калисто“ од 1956 година, прв албум на соло изведувач кој се продал во над милион примероци во САД. Неговиот успех беше толку голем што му беше овозможено да настапува и во сали кои дотогаш биле недостапни за црните пејачи.
На Бродвеј дебитираше во 1953 и веднаш ја освои највисоката театарска награда Тони за најдобра споредна улога. Актерската кариера потоа ја прошири и на филм.
Во кариерата сними повеќе од 30 албуми, а во 1985 го организираше снимањето на хуманитарниот сингл „Ние сме светот“, со кој се собираа пари за гладните во Етиопија. Во 2015 му беше доделен почесен Оскар за неговата хуманитарна работа.