ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОД ИТНО ДА ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА СЛУЧУВАЊАТА ВО СУДСКИОТ СОВЕТ, БАРА КАМБОВСКИ, А ДАНЕВА ВЕЛИ ДЕКА СЛУЖБЕН ВЕСНИК И ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР НЕМА ДА РЕГИСТРИРААТ НЕЗАКОНСКА СМЕНА НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОД ИТНО ДА ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА СЛУЧУВАЊАТА ВО СУДСКИОТ СОВЕТ, БАРА КАМБОВСКИ, А ДАНЕВА ВЕЛИ ДЕКА СЛУЖБЕН ВЕСНИК И ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР НЕМА ДА РЕГИСТРИРААТ НЕЗАКОНСКА СМЕНА НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА„И да изберат нов претседател, во случајов судијата Сашко Георгиев, како што се пренесува во јавноста, нема да може да го запише Централниот регистер“, вели професорката од Правнио факултет Ана Данева. (Фото: Фејсбук/СДК.МК)

    Академикот за кривично право Владо Камбовски го повика надлежниот скопски обвинител итно да ги земе записниците од седницата за незаконското разрешување на претседател на Судскиот совет и да утврди дали има злоупотреба на службената положба и овластувањата.

    „Надлежниот јавен обвинител, во случајот Скопското јавно обвинителство, треба да ја земе целата документација на увид и да види дали има елементи за покренување постапка за злоупотреба на службената положба и овластувањата, во случајот со беспримерниот упад во процедурата за разрешување на претседател на Судскиот совет, кој по Уставот е највисоката судска власт во Македонија. Треба да утврди дали има злоупотреба и дали е само против едно, или против повеќе лица. Мора да види што пишува во Законот за Судски совет, а што во Деловникот на Судскиот совет. Мора да почне да функционира одговорноста. Ова утре може да се случи во кој било друг државен, судски, обвинителски, општински орган“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК академик Камбовски.

    И утринава продолжија расправиите во Судскиот совет на колегиум, како да се излезе од кризата во Судскиот совет во која правно, претседателката не е разрешена. Денеска без новинари, но во вторник „сапуницата“ ќе продолжи на седница, со присуство на јавност.

    Договор ни денеска нема.

    Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Ана Павловска – Данева вели дека правно, претседателката на судскиот совет, во случајов Весна Дамева, не е разрешена.

    Одлуката не може да се објави во Службен весник, бидејќи е незаконска и ништовна.

    „Одлуката е ништовна и таа не е важечка. Во случајов претседателката Весна Дамева е моментен претседател на Судскиот совет. Како претседателка таа сега треба да закаже седница и да ја стави на дневен ред точката за разрешување на судијата Енвер Беџети од ‘Тврдина Таргет’ и од ‘Транспортер’, поради што, како што тврди присутната јавност на седниците, настанал целиот проблем“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК професорката Дамева.

    Втората опција, според неа, е по незаконската процедура за разрешување на претседател на Судскиот совет, сите членови да си поднесат оставка и да се изберат нови членови на Судскиот совет.

    „Вака и да изберат нов претседател, во случајов судијата Сашко Георгиев, како што се пренесува во јавноста, нема да може да го запише Централниот регистер. Централниот регистер нема да може да ја спроведе процедурата, бидејќи таа е незаконска“, вели Павловска-Данева.

    Таа предупредува, дека ако се појави ваква незаконска одлука за разрешување на претседателката на Судскиот совет со потпис на потпретседателот Селим Адеми, тој автоматки подлежи на тужба пред Управниот суд.

    „Овие членови мора да си дадат оставка. Прашање е – како од утре тие ќе работат? Целиот Судски совет врз себе носи една голема дамка“, предупредува професорката.

    На наша констатација дека таква опција е отфрлена, бидејќи Дамева двапати ги молеше да си дадат оставка, но и стопати точката за нејзино разрешување да ја предложат на дневен ред и регуларно да ја изгласаат бидејќи Селим Адеми има мнозинство, Данева вели:

    „Не можат да прифатат, зашто предлог за разрешување не може да помине без претходна дисциплинска постапка против неа како член. Со докази, со рокови, со законски спроведена постапка. Треба да се испита зошто, и за кого е ваквото брзање и која е вистинската причина за ваквото кршење на Законите и на Деловникот на Судскиот совет?“.

    Завчера, на предлог на заменик претседателот на Судскиот совет Селим Адеми беше разрешена претседателката Весна Дамева, без почитување на Законот за судски совет и Деловникот на Судскиот совет. Вчера, Адеми закажа итна седница за избор на нов претседател, но потоа ја одложи за 2 мај, бидејќи нема доволно гласови.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира