Француската актерска легенда Брижит Бардо била хоспитализирана на интензивна нега поради проблеми со дишењето, објави списанието „Франс диманш“. Осумдесет и осумгодишната Бардо била примена во болница во Тулон пред четири недели и лекарите ја задржале за да ја надгледуваат нејзината состојба.
„Бардо страдаше од сериозни респираторни проблеми. Неколку дена помина на интензивна нега, по што беше препорачано да остане најмалку три недели под надзор на лекарите“, изјавија од болницата за списанието.
Бардо е една од иконите на францускиот и европскиот филм, иако се повлече од забавната индустрија уште во почетокот на 1970-ите по снимените 47 филмови и над 60 песни. Потоа стана активист за заштита на правата на животните.
Веста за здравствените проблеми на Бардо се појави во пресрет на премиерата на минисеријата за нејзиниот живот.