Русија лансираше нов ракетен напад на Украина на денот кога ја одбележува годишнината од победата над нацистичка Германија во 1945, при што украинската војска кажа дека соборила 23 од испуканите 25 проектили, главно насочени кон Киев. Нападот, петти во овој месец, уследи ден откако Русија го изведе најголемиот напад со дронови досега, во кој загина најмалку еден цивил.
Русија ја обнови својата воздушна кампања против Украина пред десетина дена, откако имаше релативно затишје од март.
Властите кажаа дека нема жртви во денешниот напад и била предизвикана мала штета. Се верува дека проектилите биле испукани од четири бомбардери од регионот на Касписко Море.
„Како и на фронтот, плановите на агресорот пропаднаа“, изјави Серхиј Попко, шефот на воената управа на Киев.
Русија денеска го одбележува Денот на победата, еден од најзначајните празници во земјата, кога илјадници луѓе ја следат воената парада на Црвениот плоштад во Москва, која треба да почне во девет часот по македонско време.