Јордан Витанов е годинашен добитник на актерска награда „Петре Прличко“ за животно дело, соопшти градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев најавувајќи ги содржините на 2. Фестивал на комедијата „5ре“.
„Наградата е едногласно доделена од тричленото жири. Имало пристигнато две пријави по конкурсот кој го распиша Општина Велес“, кажа Колев.
Витанов од минатата година е во пензија, но и натаму настапува на матичната сцена. Активна е претставата „Татко“ каде тој ја толкува главната ролја. Покрај во театарот, остварил улоги и во повеќе играни филмови и телевизиски серии.
Наградата ќе се врачи на 15 мај, на отворањето на Фестивалот „5ре“. Таа е парична во висина од 500 евра и плакета со ликот на Прличко.
Советот на Општина Велес го избра жирито, чиј претседател е актерот Игор Џамбазов и лански добитник на наградата, а членови се драматургот Дејан Дуковски и актерката Талија Настова од Велешки театар. Наградата се доделуваше како дел од свеченостите за 9 Ноември, Денот на Општината, а од лани се доделува во рамките на фестивалот на комедијата „5ре“.
П. ПЕЧКОВ