Ал Пачино ќе глуми во новиот филм за прославениот италијански сликар Амедео Модиљани, чиј режисер ќе биде Џони Деп. Насловен „Моди“, биографскиот филм е заснован на драмата „Модиљани“ од Денис Мекинтајр, а сценариото е дело на Јержи и Мери Кромоловски.
Приказната на филмот се случува во период од 48 часа во 1916 година.
„Бегајќи од полицијата, желбата на Модиљани да ја заврши кариерата и да избега од градот е спречена од уметниците Морис Утриљо и Шаим Сутен и неговата англиска муза и љубов Битрис Хејстингс. Хаосот го достигнува врвот кога Модиљани ќе се соочи со колекционер на уметнички дела, кој би можел да му го промени животот“, стои во најавата на филмот.
Модиљани ќе го глуми италијанскиот актер Рикардо Скамарчо, додека Пачино е во улогата на колекционерот на уметнички дела Морис Гањат.
Првиот режисерски проект на Деп од 1997 година ќе се снима наесен во Будимпешта.