Три дена пред најтесните претседателски избори во Турција во последните години, еден од четворицата кандидати Мухарем Инче се повлече од трката. Тој се наоѓаше под зголемен притисок поради расцепкувањето на гласовите на опозицијата, кога таа ја има најголемата шанса досега да го симне Ердоган од власт.
„Ја повлекувам мојата кандидатура“, кажа денеска Инче.
Како една од причините за тоа, тој ги наведе лажните секс фотографии кои кружеа на интернет. Се пожали дека повеќе од 45 дена ја напаѓале неговата личност, додека турските власти не се потрудиле да му го заштитат угледот.
„Лажни снимки, видеа, фотографии. Тие зеле видео од израелски порно сајт и го додале моето лице. За жал, некои луѓе во Турција го споделуваа тоа зашто биле во таканаречена опозиција“, изјави Инче.
Неговото повлекување ќе му даде голем поттик на најголемиот ривал на Ердоган, Кемал Киличдароглу, кој е заеднички кандидат на шест опозициски партии и, според последните анкети, би можел да освои 49% гласови.