Неопходно е да му се доделат повеќе надлежности на народниот правобранител во многу области на делувањето. При самото постапување по претставките да добие посериозни нормативни овластувања и да му се дадат дополнителни инструменти за преземање активности кои ќе ги обврзат органите да му ги предадат бараните документи и други информации. Ова е само дел од препораките во монографијата „Функционална анализа за работата на народниот правобранител“, која е резултат на долготрајно истражување на професорите од Правниот факултет во Кичево, Мирјана Ристовска, Елизабета Спироска, Светлана Вељановска, Никола Тунтевски и Иле Масалковски. Книгата беше промовирана во Битола.
Со истражувањето беа опфатени 350 испитаници, од кои 111 од стручната, а останатите од општата јавност. И двете групи дадоа исти одговори дека другите институции недоволно ги почитуваат препораките на народниот правобранител. Така сметаат 66% од испитаниците од општата јавност и дури 82% од стручната јавност, вклучувајќи адвокати и други кои се занимаваат со право.
„Интригантен одговор добивме од стручната јавност во делот ‘Дали институцијата народен правобранител ужива доверба?’, па 54,1% одговорија со ‘не‘. Но, на прашањето ‘Дали би упатиле странка да се обрати кај народниот правобранител?’, над 70% од стручната јавност одговорија со ‘да’. Овие одговори ни претставуваат предизвик да истражиме во што се состои проблемот: дали во однос на постапувањето, изборот на народниот правобранител или друго“, рече професорката Мирјана Ристовска.
Дури 63 проценти од испитаниците од општата јавност кои имале потреба да се обратат до институцијата одговориле дека не биле исполнети нивните очекувања. Токму затоа сметаат дека треба да има рокови од 7 до 10 дена за да се даде одговор на претставка.
Скоро половина од испитаниците од стручната јавност одговориле дека изборот на народен правобранител не е објективен, а 60 проценти дека не работи независно. Оттука, се предлага тој да има потполна финансиска и функционална самостојност и да биде ослободен од какви било партиско-политички влијанија, за да може да биде заштитник на граѓаните во вистинска смисла на зборот.
„Стручната јавност предложи да се промени начинот на избор на народниот правобранител. Да не се избира од Собранието, туку на јавен конкурс, а конечниот избор да го врши тело составено од стручњаци кои уживаат доверба кај јавноста“, додаде Ристовска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА