Најмалку тројца луѓе загинаа, а илјадници се евакуирани од своите домови откако катастрофални поплави го погодија северниот италијански регион Емилија-Ромања, објавија властите, додавајќи дека најлошото можеби допрва доаѓа.
„Врнежите не се готови. Ќе продолжат уште неколку часа. Се соочуваме со многу, многу сложена ситуација“, изјави заменик-шефот на Агенцијата за цивилна заштита, Тити Постиљоне.
Регионалните власти кажаа дека трите тела се пронајдени во градовите Форли, Чезена и Чезенатико, а уште тројца луѓе се водат како исчезнати. Четиринаесет реки во регионот се излеаја од своите корита, принудувајќи луѓе да се качат на покриви од згради.
Бројни патишта и пруги се блокирани, а меѓу тешко погодените градови е и Равена, близу јадранскиот брег.
„Ова веројатно беше најтешката ноќ во историјата на Равена. Градот е непрепознатлив поради претрпената штета. Ноќеска се евакуирани повеќе од 5.000 жители“, изјави градоначалникот Микеле ди Паскале.
Поројните дождови уследија по неколку сушни месеци, што ја исушило земјата и ја намалило нејзината способност да ја впива водата, велат метеоролозите.