МИНИСТЕРКАТА ШУКОВА СЕ НАДЕВА ДЕКА УНЕСКО ЌЕ РЕАГИРА ЗА ГРАДЕЖНИТЕ АКТИВНОСТИНА КРАЈБРЕЖЈЕТО НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО НА АЛБАНСКА СТРАНА

    МИНИСТЕРКАТА ШУКОВА СЕ НАДЕВА ДЕКА УНЕСКО ЌЕ РЕАГИРА ЗА ГРАДЕЖНИТЕ АКТИВНОСТИНА КРАЈБРЕЖЈЕТО НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО НА АЛБАНСКА СТРАНАМинистерката кажа дека Албанија е одговорна за она што го прави на нивна страна, но рече дека ќе има препорака за да се внимава што се прави на крајбрежјето на Охридското Езеро. (Фото: Министерство за животна средина)

    Македонските власти немале официјално известување за градежните активности што се спроведуваат кај изворите кај Дрилон, на албанската страна од Охридското Езеро иако според препораките на УНЕСКО секоја една активност мора да се изведува со координација на двете страни. Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова денеска во Охрид кажа дека информацијата ја добила преку медиумите.

    „Официјално известување од албанската страна немаме, информацијата ја добивме преку медиумите. Во рамките на институциите и на Комисиите за заштита од УНЕСКО ќе побараме официјално известување што се случува. За секоја една активност кој што е во рамките на Охридското Езеро прво треба да бидеме информирани и треба да внимаваме што правиме и од македонската и од албанската страна. Не треба да си дозволиме и понатаму да одиме со нови објекти кои ќе го загрозуваат Охридското Езеро, а основа за тоа секако треба да биде комуникацијата“, рече Шукова.

    Министерката кажа дека Албанија е одговорна за она што го прави на нивна страна, но рече дека ќе има препорака за да се внимава што се прави на крајбрежјето на Охридското Езеро.

    „УНЕСКО работи по стандарди и тоа што важи за македонската страна секако дека ќе важи и за другата страна. Верувам дека ќе има реакции од УНЕСКО за сè она што е надвор од препораките и заштитата на крајбрежниот појас“ рече министерката Шукова.

    Како исполнување на една од препораките на УНЕСКО пред две години во Охрид беше формиран Меѓудржавен комитет на Македонија и Албанија за управување со Охридскиот регион, Охридското Езеро и неговиот слив, како активност со цел што поголема заштита на Охридскиот регион како природна и културна реткост заштитена од УНЕСКО.

    Албанскиот премиер Еди Рама неодамна со Фејсбук статус се пофали со отпочнување на градежна офанзива во реонот на Поградец.

    „Се гради шеталиште кај Тушемиште, проект кој започнува од мостот Дрилон, поминува до изворите на Загорчан и стигнува до царинската точка Тушемиште“, напиша Рама во објавата.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира