Македонскиот јазик постоел и сè додека има луѓе кои го употребуваат тој ќе постои, кажа премиерот Димитар Ковачевски на одблежувањето на Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј во Охрид.
„Од најраниот период на македонската писменост па сè до денес кога веќе имаме стандардизиран и меѓународно признат и препознат македонски јазик, факт е дека Македонците, како одделен народ, со свои обичаи, културни традиции, живеат на своја, македонска земја и говорат на свој, македонски јазик. Фактите за длабоките корени на македонскиот јазик говорат и преку првата печатена македонска граматика на Ѓоргија Пулевски, но и преку македонските интелектуалци, како браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, кои создаваат писмен јазик, претходник на идниот кодифициран македонски јазик. Говорат и преку Крсте Петков Мисирков кој ја прави првата стандардизација на македонскиот писмен јазик.Втори август 1944 година, Првото заседание на АСНОМ, останува врежан во македонската историја меѓу другото и како денот кога македонскиот јазик официјално е прогласен за службен јазик во нашата македонска држава, по што, следната година се усвоени и македонската азбука и македонскиот правопис.И со тоа се случува конечната стандардизацијата на македонскиот јазик. Сето ова, покажува дека македонскиот јазик е вистински и реален, со своја длабока историја и своја автентичност“, кажа премиерот во обраќањето на панелот во цркавата Света Софија.
Македонскиот јазик кажа Ковачевски опстојал низ вековите благодарение на тоа што луѓето зборувале, раскажувале, прераскажувале и твореле, созадавале дела на македонски јазик и преку него опстојуваме и ние Македонците.
Ковачевски кажа дека оваа Влада донела тешки одлуки со кои го заштитивме македонскиот јазик и нашиот идентитет преку почетокот на преговорите со Европската Унија, минатата година.
„По овој пат одиме, за да го осигураме европскиот квалитет на живот тука, дома. И да си ги задржиме младите, да живеат, учат, работат во родната земј. За да има кој да говори, пишува и создава на мајчиниот македонски јазик, денес и секогаш – во својата татковина, како дел од Европа. Македонскиот јазик денес е на рамноправно рамниште со сите други јазици што се зборуваат во Европската Унија. Европското законодавство се преведува и на нашиот мајчин, македонски јазик“, рече Ковачевски.