Дваесетина лица, од кои неколку члена на семејството и три новинарки од дигитални медиуми, дојдоа на денешната комеморација на легендарниот музичар Ферус Мустафов, кој почина на 22 мај на 72 години после кусо боледување. Мустафов, еден од најпознатите македонски музичари во светот, беше погребан завчера во Скопје. Мустафов ги собираше аплаузите на сцените низ цел свет, но денеска, на комеморацијата во негова чест, за последен пат му аплаудираа само 20-тина луѓе. Без ниту една камера, ниту фоторепортер. Не беше прочитана ниту една телеграма за сочувство, иако голем дел од политичарите на Фејсбук испратија последен поздрав.
Комеморацијата ја организираше Здружението на естрадни уметници, кои терминот и локацијата, 25 мај, 11 часот, во фоајето на Националната опера и балет (НОБ), ги објавија на 22 мај во вечерните часови. Социјалните мрежи и медиумите на денот на неговата смрт, цел ден беа преплавени со пораки од колегите од цела музичка естрада, од соработници од сите жанрови, за последен поздрав, со објавување на негови песни, се потсетуваа колку бил харизматичен и хуман, но на комеморацијата дојдоа едвај два-тројца музичари.
„Многу ми е жал што денеска нема колеги, можеби дека е во работно време. Човекот заслужува. Јас не сум човек кој зборува зад грб, да останеме позитивни“, рече музичарот, композитор и педагог Сашо Ливрински.
„ММС“ објави дека на погребот дошле многу колеги, пејачи и пејачки, но, пак не сите кои тој ги почитувал.
Мустафов е роден во Штип во муслиманско ромско семејство на музичари. Неговата професионална кариера започнала на 17 години, додека студирал виолина и кларинет во локална музичка академија. За тоа време, тој бил поканет да оди на турнеја со бенд предводен од Томе Чрчев, а успехот на турнејата го натерало да се откаже од академското учење за да стане работен музичар.
„Мислам дека тоа му е паметен потег затоа што, затоа што понекогаш, за жал, во нашето општетство, дипломите не значат ништо. Значи работата. Тој постигна еден личен бренд. Нему не требаше да му се зборува како треба да свири, само ќе ја слушнеше песната и тоа беше отсвирено онака како што треба да биде. Беше многу харизматичен, хуман, многу си ја сакаше својата земја. Ферус е пример за макотрпна работа. Човек кој не живееше на стара слава, до крај свиреше, иако имаше 4 бајпаса. Човекот реши животот да го заврши на музички начин. Тој не е само крал на ромската музика, туку крал на македонската музика. Ако се погледнеме и денес меѓу нас, нè има од сите националности, ништо што ни еден политичар не успеал да го постигне. Покрај тоа што беше беспрекорен виртуоз, беспрекорен на својот инструмент, беше и општествено значаен во обединување на сите националности“, кажа Ливрински.
Во име на Здружението на естрадни уметници, говореше претседателот Горјан Стојановски, кој кажа дека добил пораки од колеги, со извинувања кој може, кој не може да дојде, а некои и го замолиле да ги прочита пораките место нив. Кажа дека Мустафов не стигнал да го промовира новото дело „Текила оро“, но ќе биде промовирано во телевизиска фолк емисија.
Во биографијата на Мустафов се наведува и дека една година воена служба, за време на која тој ја воспоставил својата репутација играјќи на вечерни танци, тој се преселил во Сараево, Босна и Херцеговина, каде ја презел водечката улога во експлозијата на популарноста на народната музика што се случила таму во тоа време. Подоцна станал директор за музичко програмирање на ромски јазик за Радио Телевизија Скопје и добил со меѓународна публика преку изданијата на албумите на светските музички записи како што се „Глобус Стил“ и „Тропски“. Настапувал во голем број земји во светот и снимил десетина албуми, главно со инструментални композиции.
Б. НЕСТОРОСКА