ОД 517 КАНДИДАТИ НА АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ, 107 ПАДНАЛЕ НА ТЕСТОТ ЗА СТРАНСКИ ЈАЗИК, ОСТАНАТИТЕ ЧЕКААТ НА ПОСТРОГ ЗАКОН КОЈ Е ВО БРЗА СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА

    ОД 517 КАНДИДАТИ НА АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ, 107 ПАДНАЛЕ НА ТЕСТОТ ЗА СТРАНСКИ ЈАЗИК, ОСТАНАТИТЕ ЧЕКААТ НА ПОСТРОГ ЗАКОН КОЈ Е ВО БРЗА СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРАСудиите и обвинителите од седмата генерација (58 луѓе) веќе ги бираат по судовите и обвинителствата, во моментов осмата генерација од 97 кандидати е на обука, а се врши тестирање на деветтата, за 130 судиски и обвинителски места (Фото: Академија за судии и обвинители)

    Досега најголемата, деветта генерација кандидати за образование на Академијата за судии и јавни обвинители, застана по првата елиминација за тестот за познавање на англиски или француски јазик, дури не се донесат измените на законот.

    Од 517 кандидати кои ја имале потребната документација, во првиот филтер, 107 не го положиле тестот за познавање на еден од најчесто користените јазици во Европа, англиски или француски.

    По сегашниот закон, кандидатите требаше да продолжат со квалификацискиот тест, што е многу потежок од психолошкиот и од тестот за интегритет кои следат.

    „Бидејќи дел од тие што го положиле квалификацискиот тест се случуваше потоа да паднат на психолошки или на тестот за интегритет, со законските измени редоследот на тестовите се менува. По ново, веднаш по тестот за јазици, кој останува секогаш прв тест, ќе се оди на психолошки, па на тест за интегритет, и дури потоа на квалификацискиот. Не може тие да се утепуваат од учење за квалификацискиот тест, да положат и потоа да паднат на психолошкиот и да им биде учењето бадијала. Затоа е овој моментален прекин, зашто во Собранието овие законски измени одат брзо и брзо ќе се донесат, по што, веднаш продолжуваме“, вели Наташа Габер-Дамјановска, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

    По овие 4 теста, тие што ќе положат, одат на практичен и на усен дел.

    Измените сепак носат построги правила во однос на бодирањето, акцентот е токму во дизајнот на квалификацискиот тест. Сега место 40, ќе требаат 60 бода за кандидатот да оди понатаму. Но, и тоа во предложените законски измени е направено со пофер методика.

    „Сега од 100 прашања, кандидатот треба да има освоено најмалку 40 бода. Отежителна околност за кандидатите е што на секое прашање има 6 понудени одговори, а неточните меѓу нив носат негативни поени. Така се анулираат и освоените бодови од точните одговори, што не е фер. По ново, во понудените одговори ќе има само три модалитети, од кои едниот ќе биде неточен одговор, но тој нема да им носи негативни поени. Но затоа пак, скалата на минимум освоени бодови за понатаму, од 40 скока на 60“, вели Габер-Дамјановска.

    Денеска овие измени на Законот за академија по итна постапка, се најдоа во собраниската Комисија за европски прашања.

    Се работи за натпревар за рекордни досега 130 места за слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители. И покрај стравот од недоверба во Академијата, поради тоа што таму се пријавуваа само деца на судии, обвинители, деца на високи партиски функционери, излегло обратно. Овојпат на тие деца им се „спротивставиле“ скоро 600 кандидати, млади луѓе со родители без педигре, како конкуренција на првите, нешто кое отсуствуваше на претходните 8 огласи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира