Американските и мексиканските власти ја повикаа Светската здравствена организација (СЗО) да прогласи вонредна состојба во јавното здравство поради појава на габичен менингитис поврзано со козметички операции во Мексико. Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) соопштија дека две лица кои имале операции со епидурална анестезија починале од менингитис. Речиси 400 луѓе во САД и Мексико се под надзор. Две козметички клиники во мексиканскиот град Матаморос се затворени.
Властите и во САД и во Мексико ги повикаа луѓето кои од јануари досега имале операции со епидурална анестезија во двете клиники да се прегледаат, дури и ако моментално се асимптоматски. ЦДЦ соопшти дека веќе идентификувала 25 лица во САД како „сомнителни“ или „веројатни“ случаи на габичен менингитис.
Многу граѓани на САД одат во Мексико за козметички процедури како што се липосукција, зголемување на градите и бразилско подигнување на задникот, за кои треба инјектирање анестетик во областа околу ‘рбетниот столб. ЦДЦ рече дека лековите што се користат за време на анестезијата во сегашната епидемија можеби биле контаминирани или во самата епидурална инјекција или во други лекови кои се додаваат заедно за време на операциите, како што е морфинот. Американците често одат во Мексико за евтини медицински услуги.
„Во моментов има недостиг во Мексико и може да има потенцијал за црн пазар што би можел да го контаминира лекот“, вели ЦДЦ.
Минатиот октомври беше откриено дека серија од локален анестетик што најчесто се користи за операции како што се породувања со царски рез е заразена од истата габа, поради што починаа 39 луѓе во мексиканската држава Дуранго.
Најчестиот ран симптом на габичниот менингитис е главоболка, проследена со симптоми како треска, повраќање, болка во вратот и заматен вид. Габичниот менингитис не е заразен и може да се лекува со антифунгални лекови – но може брзо да стане опасен по живот откако ќе започнат симптомите.
СЗО прогласува вонредна состојба во јавното здравство кога болеста се шири меѓу земјите и можеби ќе биде потребен координиран меѓународен одговор за да се стави под контрола.