РАЗРЕШЕНИ УПРАВНИТЕ ОДБОРИ НА БИТОЛСКИТЕ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЗАГУБАРИ, НАЈАВЕНИ ГРАЃАНСКИ УПРАВНИ ТЕЛА

    РАЗРЕШЕНИ УПРАВНИТЕ ОДБОРИ НА БИТОЛСКИТЕ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЗАГУБАРИ, НАЈАВЕНИ ГРАЃАНСКИ УПРАВНИ ТЕЛАЗа разрешување гласаа опозиционата СДСМ, Поинаку, Левица, ДОМ и ДУИ кои на овој начин создадоа своевидно ново мнозинство во Советот на Битола. (Фото: СДК.МК)

    За првпат, Советот на Општина Битола ги разреши управните и надзoрните одбори на јавните претпријатија поставени од локалната власт, а кои работат со загуба. Советниците од довчерашната владеачка коалиција, предводенa од ВМРО –ДПМНЕ, ја напуштија седницата. Останатите советници кои ги изгласаа шесте точки за пад на управните и надзорните одбори најавија граѓански управни тела. За разрешување гласаа опозиционата СДСМ, Поинаку, Левица, ДОМ и ДУИ кои на овој начин создадоа своевидно ново мнозинство во Советот. Разрешени се управувачките тела на Водовод, Комуналец, Пазари, Паркинзи, Жабени и КИЦ.

    „Уште еднаш е прекршен деловникот за работа на Советот на Општина Битола, а уште потрагично прекршен е и Законот за јавни претпријатија и на седница на Советот влегоа точки што се надвор од закон. Укажавме во процедурална забелешка, беше одржана и Комисија за статут, но некое ново мнозинство очигледно сака да ги крши законите и како и пред некоја седница, да се ставаат точки на дневен ред кои не се во согласност како со законот и со деловникот. Ние, доколку овие точки бидат усвоени, се надеваме дека градоначалникот нема да ги потпише и нема да бидат валидни“, рече Ѓорги Ѓоргоевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

    Управните и надзорните одбори беа разрешени по иницијатива на советникот Методија Илиевски од СДСМ , партија која за време на седницата беше во опозиција.

    „Да имаме во Општина Битола граѓански управни одбори, а не криминални на ВМРО-ДПМНЕ. Јавните претпријатија имаат завршни сметки со долгови откако пред една година на сила ги променија управните одбори. ВМРО-ДМПМЕ и коалицијата доживува фијаско, заборувам како советник повеќе од 10 години и во три мандати, ова е триумф, колеги ви се поклонувам на храброста и мудроста и обврската што ја имаме пред граѓаните. За првпат претпријатијата да бидат претставени од граѓаните во одборите што ќе ги одбереме, ентузијасти и интелектуалци да ги водат кои ние ќе ги избереме“, рече Илиевски.

    Горан Велковски од Левица изрази увереност дека со шареноликоста во Советот ќе се преслушаат одговорните лица и ќе го сменат курсот на делување во насока на заеднички интерес на битолчани, а во спротивно ќе остават белег како распашена команда и неспособен Совет.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира