Американско-израелска жена која беше тешко повредена во бомбашки напад во Ерусалим почина по 22 години во кома. Хана Нахенберг имаше 31 година во моментот на нападот во пицеријата „Сбаро“, во кој загинаа 15 луѓе, вклучувајќи седум деца и трудница. Таа ги помина последните две децении во бессознание во болница во Тел Авив.
Нахенберг е третиот американски државјанин кој почина како резултат на експлозијата во август 2001. САД ја бараат екстрадицијата на жената која Израел ја осуди за учество во нападот.
Алам Тамими, која има јорданско државјанство, беше осудена на 16 години затвор во 2003, но беше ослободена осум години подоцна во размена на заробеници помеѓу Израел и Хамас. Тамими, која денес живее во Јордан и никогаш не искажа каење, му помогнала на бомбашот Из ал-Дин Шухеил ал-Масри да го изведе нападот. Таа ја избрала метата и излегла од ресторанот пред Масри да се разнесе.
Тамими се наоѓа на листата на најбараните терористи на САД.
Нападот во пицеријата во центарот на западен Ерусалим, во кој имаше и 130 повредени, беше еден од многуте бомбашки напади изведени од Хамас за време на второто палестинско востание против Израел, кое почна во 2000.