Државната изборна комисија (ДИК) денеска во 14 часот ќе ги издаде уверенијата за избраните пратеници, по што ќе може да се конституира Собранието. Уверенијата нема да ги прими лично секој пратеник, туку овластените претставници на коалициите и на политичките партии што освоија пратенички места ќе ги подигнат уверенијата во просториите на ДИК.
Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски на последната прес-конференција по прегласувањето на избирачкото место 2011 во Теарце, рече дека во Собранието ќе биде доставен и извештајот за предвремените парламентарни избори, по што спикерот на претходниот состав на Собранието, Трајко Вељаноски, ќе може да ја закаже конститутивната седница.
Како што вчера објави државната агенција МИА, не е исклучено конститутивната седница на Парламентот да се оддржи в сабота, 31 декември, а ќе ја свика претседателот на Парламентот во заминување Трајко Вељаноски, кој и ќе претседава со неа.
Според собранискиот деловник, пратеникот што ќе ја свика седницата, претседава со неа сè додека новоизбраниот претседател или потпретседател не ја преземе должноста. Ако седницата не ја свика Вељаноски, честа да го стори тоа и да ја води првата седница, според Деловникот на Собранието, ќе ја има највозрасниот пратеник од новоизбраниот состав, а тоа е Бранко Маноиловски од ДУИ. Собранието може да се конституира ако на седницата присуствуваат мнозинството избрани пратеници, а откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието.
Според Уставот, новоизбраните пратеници се состануваат на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори – краен рок е 31 декември. Седницата ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, а ако тоа не се случи во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието, дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.
Според Договорот од 20 јули, денеска оставки треба да поднесат и министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Функциите министри до формирањето на новата влада, според овие измени, по заминувањето на Спасовски и на Ременски, треба да ги преземат актуелните заменици-министри во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика, Агим Нухиу, односно Ибрахим Ибрахими.
Денеска мандатот им завршува и на дополнителните заменици-министри, Оливер Андонов (МВР), Диме Спасов (труд и социјална политика), Љупчо Николовски (земјоделство), Александар Кирацовски (администрација и информатичко општество) и Кире Наумов (финансии).
На предвремените парламентарни избори, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, коалицијата предводена од СДСМ – 49, ДУИ – 10, Движење Беса – 5, Алијанса за Албанците – 3 и ДПА – 2 пратенички места.