Хрватските власти започнаа со уривањето на седум бесправно изградени објекти во заливчето Вруја кај Макарска, против кои активистите се бореа со години. Тие утрово наздравуваа со шампањ и фрлаа цвеќиња, додека пристигнуваа багери, камиони и полиција.
„Ги завршивме сите законски процедури и почнуваме да го отстрануваме првиот од седумте нелегално изградени објекти во заливчето Вруја“, изјави главниот државен инспектор Андрија Микулиќ.
Во акцијата ќе бидат отстранети и бетонско џакузи, бетонски брег и пристапниот пат, по кој со автомобил можеше да се дојде до заливот.
Хрватските медиуми објавија дека објектите му припаѓаат на инвеститорот Стипе Латковиќ. Тој со години бесправно градел и надоградувал во оваа област, а незадоволните граѓани дури го организираа Фестивалот на бесправно градење и уништување на природата, со цел да предупредат на самоволието на инвеститорите и на инертноста на државата. Вруја на тој начин стана еден од најпрепознатливите примери на бесправно градење во Хрватска.