Основниот суд Тетово ги изрече пресудите за обвинетите во врска со пожарот што изби во модуларната ковид болница во Тетово во септември 2021 година, во кој загинаа 12 луѓе кои беа на лекување и уште двајца посетители.
Обвинетите Флорин Бесими, тогашен директор на Клиничката болница во Тетово и Артан Етеми, тогашен економски директор на болницата, кои беа обвинети за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“, судот ги прогласи за виновни и им изрече казна затвор во траење во една година и шест месеци, односно им се изрекува условна осуда, а казната затвор нема да се изврши доколку обвинетите, секој за себе, во време од по три години не сторат ново кривично дело. За истото кривично дело беше обвинето и правното лице Клиничка болница Тетово, на кое судот го осуди на парична казна во висина од еден милион денари која треба да ја плати во рок од 30 денови од правосилноста на пресудата.
На д-р Бобан Вучески, и ЈЗУ Клиничка болница Тетово, кои беа обвинети за кривичното дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ се ослободуваат од обвинение,
„Како човек се сочувствувам со семејствата на сите лица кои настрадаа во пожарот, меѓутоа како судија одлуката не можам да ја донесам врз основа на емпатија и емоција туку одлуката се носи врз основа на изведени докази и факти. Во врска со овој настан беа изведени голем број материјални и вербални докази. Од тие докази, по мое уверување се докажа дека првообвинетиот и второобвинетиот имаат направено пропуст, затоа што и покрај тоа што требало да постават ПП апарати. Како директори на болницата тоа не го сториле. Меѓутоа, таквиот нивен пропуст не е од примарно значење за настанатата незгода. Треба се каже и ова дека обвинетите не се обвинети за предизвикување на пожарот и според обвинителниот предлог, тие со ниту едно дејствие не се обвинети дека придонеле за избивање на пожарот, туку само дека не поставиле ПП апарати. Што се однесува до обвинението против д-р Бобан Вучески, Јавното обвинителство не докажа дека тој сторил кривично дело и немаше доволен број докази дека тој бил раководител на модуларната болница, а од изјавите на сведоците можеше да се увиде дека на болницата имало напишана објава дека е забранет влез за надворешни лица, а и во времето на избувнувањето на пожарот тој не бил присутен во болницата. Затоа е ослободен од обвинението а со тоа е ослободена и Болницата по ова обвинение бидејќи таа е врзана со дејствието на одговорното лице“, ја образложи пресудата судијата Јордан Велковски.
По излегувањето од судот, д-р Бобан Вучески го пречека голема група негови поддржувачи кои пред секое рочиште му даваа поддршка и апелираа тој да се ослободи од обвинението бидејќи сметаа дека е невин.
„Голема благодарност на сите роднини и пријатели што целиот судски процес беа со мене и не дозволија ниту еден момент да останам сам. Јас како доктор секогаш бев со вас, а сега уште повеќе ќе бидам со вас“, изјави д-р Бобан Вучески.
Тогашниот директор на Клиничката болница во Тетово Флорин Бесими пак најави дека ќе поднесе жалба на изречената пресуда.
„Не ми е јасно како ме поврзуваат со модуларната болница, бидејќи од доказите што ги дадовме ниту еден не сум бил изведувач, ниту сум бил надзор, ниту сум имал примопредавање на објектот ниту сум потписник за објектот. Само знам дека ме обвинуваат за ПП апарати. Дали имало или немало тоа со текот на судскиот процес го докажаа сведоците. Мене ми останува да ја обжалам пресудата и моето право да го барам кај повисоките судски институции. Жалам за трагичниот настан но не се чувствувам виновен“, изјави поранешниот директор Флорин Бесими.
Второбвинетиот Артан Етеми, кој беше економски директор на Клиничката болница во Тетово. Не присуствуваше на изречувањето на пресудата.
З. АНДОНОВ