НЕМА ДА СЕ ПРОШИРУВА ПРОГРАМАТА НА БИТ-ФЕСТ, ЌЕ БИДАТ ИЗВЕДЕНИ ВЕЌЕ ОДОБРЕНИТЕ ПРОЕКТИ, РЕЧЕ КОЊАНОВСКИ

    НЕМА ДА СЕ ПРОШИРУВА ПРОГРАМАТА НА БИТ-ФЕСТ, ЌЕ БИДАТ ИЗВЕДЕНИ ВЕЌЕ ОДОБРЕНИТЕ ПРОЕКТИ, РЕЧЕ КОЊАНОВСКИСоветот нема да одобри поголем буџет за 15. Бит-фест, рече Коњановски. (Фото: СДК.МК)

    Нема да се проширува програмата на битолското културно лето Бит-фест со нови содржини од досега одобрените, зашто Советот очигледно нема да дозволи проширување на средствата потребни за 15. издание на културната манифестација, рече градоначалникот на Битола Тони Коњановски. Во Советот веќе го нема претходното советничко мнозинство кое го составуваа советниците на локалната власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери, со Поинаку и Левица, па дел иницијативите на власта не минуваат.

    Коњановски рече дека на Бит-фест ќе бидат вклучени веќе одобрените проекти и традиционалните манифестации за кои е дозволено финансирање, а им се извини на сите уметници кои покажаа интерес да настапат, но рече дека недостатокот на поддршка и разбирање на Советот ги ограничува и финансиските ресурси на Општината.

    „Сè ќе биде во границите на предвиденото од страна на Советот, инаку сакам да нагласам дека Битола е центар на културата, но за жал, на некои тоа не им одговара, па во склоп на оној буџет кој беше издвоен ќе направиме сè да биде како што треба и Битола ќе биде град на културата и тоа никој не може да го побие. Додека сум јас градоначалник, културата како и другите сегменти ќе биде максимално поддржана“, рече Коњановски.

    15. издание на Бит-фест се отвора на 23 јуни во 21 часот во Хераклеја со „Вива Верди“, претстава со над 130 учесници меѓу кои Симфонискиот оркестар, хор, оперски солисти кои ќе изведат извадоци од најубавите опери на Верди. Солисти се Горан Начевски, Наде Талевска, Христијан Антовски, Марија Наумовска, Нико Ѓоргиевски и Зана Абази Рамадани. Бит-фест ќе ги опфати и традиционалните манифестации Солстис, Битола отворен град, Шекпир фестивал, Локум фест , Незаборав, Илинденски денови и други.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира