Милиони луѓе во Северна Америка се советуваат да носат заштитна маска кога се надвор поради лошиот квалитет на воздухот, предизвикано од многубројните шумски пожари во Канада. Њујорк, кој цел стана портокалов поради ефектот од пожарите, соопшти дека денеска ќе почне да дистрибуира маски. И канадските власти кажаа дека луѓето би требало да носат маска кога излегуваат надвор.
Официјални лица најавија дека опасно зачадените услови ќе продолжат и претстојниот викенд.
Најголемиот дел од чадот доаѓа од канадската провинција Квебек, каде што горат 150 пожари. Се очекува повеќе од 15.000 луѓе да бидат евакуирани во Квебек, за кој ова е најлошата сезона на пожари досега.
Гувернерката на Њујорк, Кејти Хочал, изјави дека ќе бидат поделени еден милион маски.
„Ова е привремена ситуација, не е ковид. Препорачуваме сите њујорчани да намалат со надворешните активности во најголема можна мера“, кажа таа.
Еколошките власти на Канада соопштија дека условите се влошуваат во Торонто, каде што надоаѓа уште чад. Во исто време, Агенцијата за заштита на животната средина на САД го класицифираше воздухот во најголемиот дел од североистокот на земјата како нездрав, особено за луѓето со респираторни проблеми. Се проценува дека милиони луѓе на континентот се изложени на лошиот квалитет на воздухот.
И главниот град Вашингтон вчера ги откажа сите надворешни активности, додека воздухот во Детроит е опишан како петтиот најлош во големите области на светот.
Експертите сметаат дека потоплата и посува пролет од вообичаено е главната причина за најлошата сезона на шумски пожари досега. Во Канада веќе изгореле 3,8 милиони хектари земјиште, 12 пати повеќе од десетгодишниот просек за овој дел од годината.