Пред судија за прекршоци денеска застана Афет Џелилов од скопското село Горно Количане, кого државата го води за мртов уште од март 2001 година и кој нема Извод на родени, има само Посмртница и стари неважечки лични документи.
Судијката Вера Петковска остана збунета кога на почетокот на судењето му побара лична карта на обвинетиот за брзо возење, а тој кажа: „Немам. Се водам за починат”.
Афет се води за починат уште од 2001 година, кога братот – близнак Нусрет му го украл пасошот, заминал за Чешка и по три дена починал под име „Афет Џелилов”. Оттогаш Афет кој е жив, не може да докаже дека жив, се бори да биде избришан од Книгата на умрени и да биде впишан во Книгата на родени, да добие одново Извод на родени, да си извади нова лична карта, да си ги обнови банкарската сметка, здравственото осигурување, возачката дозвола, патната исправа.
„Јас прво морам да видам дали е човекот Афет Џелилов, т. е. по написот во порталот САКАМДАКАЖАМ.МК, морам да утврдам дали Афет Џелилов е овој човек што застана на обвинителна клупа“, кажа судијката.
„Како вие на 3.4.2022, кога ве запрел полицаецот, се идентификувавте пред него? Како ве идентификувала полицијата?”, се чудеше судијката.
„Дајте лична карта”, побара таа.
„Немам”, одговори Афет.
„Со што се идентификувавте пред полицијата?”
„Така, усно. Кажав име и презиме. Полицаецот ме запре. Прво ми бараше возачка. Му кажав дека имам положено, ама не ми е обновена. Му раскажав дека немам возачка, немам лична карта, немам никакви документи. Му кажав како се викам, кога сум роден, ме запиша”, одговори Афет.
„Зошто немате лична карта и возачка?”, праша судијката, која напомена дека денешното рочиште никако не е сослушување за прекршокот за кој иако „мртов”, добил судска покана, туку обид некако таа да објасни идентитет на обвинет во оваа постапка.
„Немам, бидејќи ме водат мртов во Република Северна Македонија од 2010 година, додека не ми истечат личните документи што сум ги извадил 2001 година. А фактички, од 2001 година сум бил мртов за државата. Имав брат близнак кој во 2001 година ми го зеде пасошот”, ја почна приказната Афет Џелилов, а на судијката не ѝ се веруваше што слуша.
Потоа продолжи за настанот да го прашува обвинетиот кој и ден-денес се води за починат.
„Ние од семејството не знаевме дека брат ми е во Чешка. По три дена откако замина некаде во странство, дојде полиција и ме извести дека сум починат. Јас им кажав дека сум жив. Не им кажав веднаш дека ми го зел пасошот. По десетина дена телото на мојот близнак Нусрет Џелилов го донесоа во ковчег во нашиот дом во Горно Количани. Кога го донесоа, пријавивме во полиција дека ми го зел пасошот, дека починат е Нусрет, а не јас Афет”, продолжи тој.
Со татко му отишле во МНР, во МВР, постапките ги завршиле, т.е. мислеле дека ги завршиле.
„Мислев дека целата процедура е завршена. Дури и извадив лични документи. Но во 2010 година, кога ми истече важноста на патната исправа, уплативме за нови пасоши. Со сопругата и ќерката отидовме да се сликаме, компјутерот кажа: ‘Не постоите. Мртов е Афет. Одете си оттука да не ве уапсиме’”, раскажа Афет.
Потоа адвокатката на Афет Македонка Крстева раскажа како во 2011 година Афет се јавил кај неа и како првин почнале постапка во МВР, кога побарале таму да се направи вешт наод и мислење со споредба на отисоците, папиларните линии, за да се утврди дека братот близнак му е починат, а не Афет.
„Ни рекоа им треба судска наредба. Паралелно водев постапка пред Управата за водење на матични книги за да се избрише Афет од умрени, да се запише во родени, а Нусрет од родени, во умрени. Тие пак, ме посоветуваа да поведам постапка пред Граѓанскиот суд Скопје за Нусрет, за утврдување на исчезнато лице умрено. Добивме решение со кое се усвои нашиот предлог и се утврди дека Нусрет е починат во Чешка на 4.03.2001 година и дека е закопан во село Горно Количане. Со ова решение се утврди во МВР дека отпечатоците од Афет Џелилов не се исти со тие на Нусрет. По правосилноста, ова решение беше доставено до Управата, со барање Афет да се запише во родени и да добие извод на родени. Нусрет беше отпишан од родени и запишан во умрени, а барањето за Афет беше одбиено”, почна да ја раскажува адвокатката голготата на Афет Џелилов.
„Поднесовме жалба до Второстепената комисија со барање да не известат кој е надлежен. Жалбата ни беше усвоена и предметот вратен на повторно решавање во Министерството за правда. Ова се случи трипати. Трипати се вртевме во круг. Со последната жалба побаравме Второстепената комисија да одлучи мериторно. Таа овојпат дава напатствија првостепениот орган да каже кој е надлежен. Министерството за правда (Управата) ја прекинува постапката, не’ упатува на постапка пред Основниот граѓански суд со која ќе докажеме дека Афет Џелилов е жив. Поднесовме предлог до Граѓанскиот суд, ни го отфрлија, бидејќи судот не бил надлежен. Без да ги види доказите, судот ни го отфрли предлогот. Поднесовме жалби, како семејството, така лично и Афет. Со барање Апелациониот суд Скопје да не упати – кој е надлежен да одлучи, ако не Министерството за правда и Граѓанскиот суд. Уште чекаме, предметот стои во место”, зборуваше адвокатката Крстева.
Судијката продолжи:
„Како да се информирам дали е тој обвинетиот и дали ќе плати глоба за брзо возење, јас засега не знам. Човекот не може да се легитимира. Судот ќе ги проучи доказите и граѓанско-управната постапка. Јас не знам како ќе се одлучи во овој предмет. Законот за прекршоци не дава напатствија за ваква ситуација, а не потпаѓа ни под други закони”, кажа судијката и го закажа следното рочиште за 26 септември.
„И ова лето ли моите малолетни деца ќе одат само со мајка им на одмор? Како да им кажам дека пак нема да бидем заедно со нив?“, си зборуваше Афет и разочаран си замина.
- 20 ГОДИНИ НЕ МОЖЕ ДА ДОКАЖЕ ДЕКА Е ЖИВ ОТКАКО БРАТ МУ БЛИЗНАК МУ ГО ЗЕЛ ПАСОШОТ И ПОЧИНАЛ ВО СТРАНСТВО
- ПОКАНЕТ НА СУД ЗА СООБРАЌАЕН ПРЕКРШОК ЧОВЕК КОГО ДРЖАВАТА ГО ВОДИ ЗА УМРЕН ОТКАКО БРАТ МУ БЛИЗНАК ПОЧИНАЛ ВО ЧЕШКА СО ПАСОШОТ ШТО МУ ГО УКРАЛ
Неговата адвокатка на судијката и кажа дека сепак ова беше голем момент за клиентот, затоа што првпат судија го ислушал, макар и судијка-кривичар, која не може да му го реши граѓанско-управниот спор.
С. К. ДЕЛЕВСКА