ПОКАНЕТ НА СУД ЗА СООБРАЌАЕН ПРЕКРШОК ЧОВЕК КОГО ДРЖАВАТА ГО ВОДИ ЗА УМРЕН ОТКАКО БРАТ МУ БЛИЗНАК ПОЧИНАЛ ВО ЧЕШКА СО ПАСОШОТ ШТО МУ ГО УКРАЛ

    ПОКАНЕТ НА СУД ЗА СООБРАЌАЕН ПРЕКРШОК ЧОВЕК КОГО ДРЖАВАТА ГО ВОДИ ЗА УМРЕН ОТКАКО БРАТ МУ БЛИЗНАК ПОЧИНАЛ ВО ЧЕШКА СО ПАСОШОТ ШТО МУ ГО УКРАЛСе поставува прашањето – ако го осудат за побрзо возење од дозволеното, како државата ќе му ја наплати казната, кога го прогласила за мртов и со години ги одбива доказите дека е жив, здрав, дека постои, дека има жена, деца, дом, адреса и оти брат му е починатиот? (Фото: СДК.МК)

    И покрај тоа што Граѓанскиот суд Скопје го прогласи за мртов братот-близнак на скопјанецот Афет Џелилов, кој починал во Чешка со пасошот што му го украл пред да замине, Афет уште не може на државата да ѝ докаже дека е жив и има само Посмртница на свое име. Управата за водење матични книги не му дава Извод на родени и тој повеќе од една деценија не може да си ги обнови истечените лични документи, бидејќи не постои во системот.

    Но, неодамна се случи бизарен настан. Од една страна, за државата е мртов и закопан во селото Количани, а на домашната адреса му стигнала покана за на суД адресирана на негово име и презиме, за сторен сообраќаен прекршок. Така, „мртвиот“ Афет, оживеан привремено од Кривичниот суд Скопје, е поканет на судење на 8 јуни, во Одделот за прекршоци во Кривичниот суд. Најсвеж личен документ му е Изводот на умрени на негово име, па веројатно со тој документ ќе се идентификува пред судијата.

    Се поставува прашањето – ако го осудат за побрзо возење од дозволеното, како државата ќе му ја наплати казната, кога го прогласила за мртов и со години ги одбива доказите дека е жив, здрав, дека постои, дека има жена, деца, дом, адреса и оти брат му е починатиот?

    Џелилов вели дека кога го запрел полицаецот за поголема брзина од дозволената, тој му го кажал името и презимето, но му објаснил дека не се води како жив. Службеното лице уредно си запишало во тефтерчето, казната без проблем се процесуирала, а Кривичниот суд со тоа име и презиме го поканил „мртвиот“ Афет на судење за две недели.

    Неговата адвокатка Македонка Крстева-Тодоровски се чуди како може полицискиот службеник да го запише? Како му го утврдил идентитетот кога го запрел за брзо возење? Нели Афет Џелилов за државата е умрен?

    Овој 45-годишен македонски државјанин од 2001 година кога бил прогласен за мртов, живее во домашен затвор, или како што вели – во бунар.

    Управата жив го закопала Афет уште во 2001 година, кога во Чешка починал братот-близнак Нусрет Џелилов. Со почнувањето на конфликтот таа година, Нусрет тајно му го зел пасошот на брата си и заминал за Чешка. Но, набргу таму починал, со пасошот на Афет.

    И, тука почнуваат неописивите проблеми на Афет кој е жив, а за кого е издадена умреница. Безуспешно се бори да докаже дека тој е Афет, а Нусрет починал со неговиот пасош, но Управата за водење матични книги е глува и не му дава извод на родени по вторпат.

    Изводот му е потребен да извади нова лична карта (старата му е истечена уште пред десетина години), да извади сметка во банка, здравствена книшка, обновена возачка дозвола, да се вработи.

    Досега, со адвокатката успеале преку Граѓанскиот суд Скопје да докажат дека брат му Нусрет е починат, па по Посмртницата на име на живиот Афет, Управата издала нова, на име на Нусрет, фактички починатиот. Но, истиот тој суд сега не сака да ѝ даде налог на Управата за водење матични книги, да му издаде на Афет Извод на родени, да го признае за жив.

    За тоа што се преживуваат овој човек, неговата сопруга и двете малолетни деца, кажува адвокатката Крстева-Тодоровски, која веќе се подготвува за ова изживување на системот врз Афет Џелилов да поднесе тужба против Македонија во Стразбур.

    „По пресудата од Граѓанскиот суд пред две години, со која Нусрет Џелилов беше прогласен за починат, отидовме во Управата за матични книги со барање да го впишат Афет Џелилов во Книгата на родени, т. е. да му дадат Извод на родени. На 13 август 2021 година добивме решение дека се одбива барањето, без образложение – зошто! Пуштив жалба до Второстепената комисија, која го укина решението на Управата и го врати предметот на повторно одлучување, но со напатствија: Првостепениот орган (Управата) да утврди услови и околности да се прекине постапката и да го упати Афет Џелилов каде да се обрати, до кој надлежен суд или орган!“, кажува адвокатката за голготата што ја минуваат со клиентот.

    Чекале долго време, од Управата за матични книги немало никакво известување. Крстева-Тодоровски поднела претставка до Управниот инспекторат, од каде веднаш постапиле и ја натерале Управата за матични книги да одговори. Управата ја прекинала постапката, го упатила Афет во граѓанска постапка, пред Граѓанскиот суд Скопје.

    И тука почнува нова голгота, која уште трае и ја полни папката за Европскиот суд за човекови права и слободи.

    „По ова изнудено упатување од Управата поднесовме предлог до Граѓанскиот суд Скопје, со кое бараме да се утврди идентитетот на Афет Џелилов и да се избрише уписот негов во Книгата на умрени, а да се впише во Книгата на родени. Побаравме ако е потребно, Судот да нареди да се изврши ексхумација на братот Нусрет. Треба Судот или Јавното обвинителство да издадат наредба за тоа. Но Граѓанскиот суд Скопје, односно судијката Ирена Костадинова-Ангелова веднаш ни го отфрли предметот и го прогласи Судот за ненадлежен. Поднесовме жалба до Апелациониот суд Скопје. Само Граѓански суд во вонпарнична постапка може да наложи упис во Матичната книга на родени. Предметот сè уште е во Апелација“, вели адвокатката на Афет.

    Но во меѓувреме, на Афет му стига на домашна адреса покана од Кривичен суд, за судење на 8 јуни, за сторен сообраќаен прекршок.

    „Ова што му се случи и не е толку лошо во прилог на докажувањето дека мојот клент е жив, постои и треба Управата да му даде Извод на родени. Неодамна цел куп докази, сосе поканата за судење на име на клиентот, ги дадов на апелационата судијка Розалинда Ристевска која уште не донела одлука по жалбата. Не може Основниот Граѓански суд да не одржи седница и така да нè ни дозволи да се изјасниме за барањата“, реагира адвокатката.

    Жалбата пред Апелациониот суд е поднесена уште на 8 ноември 2022.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира