ЗА ГОДИНА И ПОЛ ПРОБИЕН РОКОТ ЗА ИЗГРАДБА НА ПОКРИЕНИОТ ГРАДСКИ ПАЗАР ВО ВЕЛЕС

    ЗА ГОДИНА И ПОЛ ПРОБИЕН РОКОТ ЗА ИЗГРАДБА НА ПОКРИЕНИОТ ГРАДСКИ ПАЗАР ВО ВЕЛЕСИзведувачот на работите на покривање на долниот дел од пазарот, градежната фирма „БВ Инженеринг“ од Битола ќе биде казнета поради доцнењето. (Фото: СДК.МК)

    Изградбата на покриениот Градски пазар во Велес започна на 1 април 2021, со најава дека ќе заврши во октомври истата година, но Ниту по година и половина од овој рок градежните работи не се завршени. Последната најава е дека објектот, кој чини 86 милиони денари (околу 1,4 милиони евра) ќе биде завршен до половината на овој месец, откако сите претходни рокови беа пробиени.

    Зошто толку се доцни со изградбата на покриениот Градски пазар во Велес, праша на седница на Советот советникот Марјан Николов. Градоначалникот Марко Колев детално објасни сѐ што се случувало изминатите две години. Притоа, потенцира дека пазарот бил во сериозен ризик да не биде завршен.

    „И јас сега, а и претходниот градоначалник, сериозно се спротивставиме на одредени замисли на одредени луѓе. Кога видоа дека има цврст став од оваа страна, општинската, беше завршен горниот дел од пазарот и започна реализацијата на долниот дел. Беше потребна дислокацијата на колекторот кој минува под објектот, за што немаше проект, па мораше да се бара решение, бидејќи резервоарите за нафта за греење на ОУ ‘Панко Брашнар’ се многу блиску до стопите. Се бараше друга локација, што одзеде време. Па дојде енергетската криза, која значително ги зголеми цените на изградбата. Инвеститорот бараше разлики, не му дозволивме, па имаше пауза во работата“, кажа Колев.

    Одолговлекувањето на градежните работи резултираше кредитот подигнат од Светска банка од 50 милиони денари, да биде намален на 30 милиони. Изведувачот на работите на покривање на долниот дел од пазарот, градежната фирма „БВ Инженеринг“ од Битола ќе биде казнета поради доцнењето.

    „Фирмата ќе биде казнета пет милиони денари, согласно потпишаниот договор, кој дозволува казна до 10 отсто од вкупната вредност ако проектот не се заврши во договореното време. Имавме во два наврати продолжување на рокот, со анекси. За последниот да биде на 31 јануари годинава. Со оваа ситуација на доцнење треба како Општина да платиме од буџетот 20 милиони денари за изградбата на пазарот. Тоа е разлика од кредитот кој беше 50 милиони колку што чини градбата, до добиениот кредит од 30 милиони денари. Таа разлика ќе ја обезбедиме со пет милиони од казната кон изведувачот и 15 милиони од Општинскиот буџет, непланиран расход годинава. Тие ќе ги обезбедиме со ребаланс. Имавме трошоци за дислокацијата на колекторот што чинеше 3-4 милиони денари, еден милион за струја“, рече Колев.

    Тој додаде дека поради доцнењето со изградбата, Светска банка го прекинала кредитирањето на објектот, па наместо 50 милиони ќе кредитираат со 30 милиони денари. Градоначалникот Колев рече дека бил во дилема дали да се продадат или да се изнајмува деловниот простор во пазарот, дали да се земат пари наеднаш или со кирија да се прибираат со години.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира