ЦЕЛИ СЕМЕЈСТВА ОД БИТОЛА ЗАМИНУВААТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКА

    ЦЕЛИ СЕМЕЈСТВА ОД БИТОЛА ЗАМИНУВААТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКАПосредниците при вработување велат дека интересот за угостителскиот сектор на јадранското приморје е двојно зголемен од лани. (Фото: СДК.МК)

    Не само младите, туку и цели семејства од Битола заминуваат на привремена работа во Хрватска. Грција до пред неколку години беше најпримамлива за сезонците од Битола со бербите на праски и портокали, а летово е угостителскиот сектор на јадранското приморје. Посредниците при вработување велат дека интересот е двојно зголемен од лани.

    Во потрага по подобро платени работни места тргнуваат и средновечни битолчани. Има брачни парови кои работат во едно, а нивните деца во друго туристичко место во Хрватска. За некои ова ќе биде петта сезона работно ангажирање таму, а за други и повеќе. Воедно, расте и времето на престој.

    „Ние со сопругата веќе втора година како работиме во хотел во Брела, а нашиот син ова лето е ангажиран како келнер во Макарска. Работници тука требаат за многу професии, секаде фали работна сила, а во лето најмногу во туризмот. Расте бројот на Македонци кои работат тука преку цела година, како и на оние кои остануваат на подолг период. Ние со сопругата работиме по 10 месеци, а на два месеца се враќаме во Македонија, тоа се декември и јануари и за тој период веќе договараме работа за следната година“, вели битолчанецот Никола Јосифовски.

    Битолчани кои работат во Хрватска кажуваат дека платите се движат од 850 евра месечно па нагоре, за осум саати работно време на ден со слободна недела. Покрај тоа, им се плаќа и прекувремена работа и за време на празник или во недела.

    „Обично за сезонците е обезбедено сместување, па и храна. Некои го плаќаат дури и патот и работната виза. Бидејќи е обезбедно сместување немате трошоци за струја, вода, кирија, остануваат цели плати. Според мене, нема сезонец кој за три месеци не заработил 3.000 евра доколку е вреден и не троши околу. Најчесто нашите работат и по повеќе саати, па платата достигнува до 1.500 евра“, вели Томе Н. келнер во Башка на островот Крк.

    Нашите таму најчесто работат како келнери, шанкери, помошници во кујна, хигиеничари по хотели, собари, а најмногу од овие профили се платени готвачите и мајсторите за пица и скара. Во просек, келнер зема од 1.100 до 1.500 евра месечно, собар од 900 до 1.200, помошник во кујна од 900 до 1.200, готвач до 2.000 евра.

    Покрај позитивните искуства, има и лоши, па битолчани кои работат во Хрватска напоменуваат дека е многу важно да се погодат газдите кои ги ангажираат и да им обезбедат сместување и храна. Доколку тоа не го добијат, трошоците се големи и платата не стигнува за да го поминеш месецот, а не пак да заработиш.

    И од агенциите за превод на документи во Битола потврдуваат дека најголем интересот годинава за сезонска работа е за Хрватска, па потоа за Германија. Освен млади, заминуваат и средовечни.

    „Интересот на младите да заминат од нашата земја се зголемува, за жал, и тоа можам да кажам дека е двојно зголемен во споредба со минатата година, особено за Хрватска каде најчесто младите одат на привремена работа од 3 до 4 месеци, а тоа им дава една отскочна скала, па размислуваат и за постојано преселување. Не заминуваат само млади, туку и оние во средновечни години, кои веќе офрмирале смејство и некоја кариера во Македонија. Заминуваат и кадри кои не се толку квалификувани, но и оние со високо образование, дури со магистерски и докторски титули“, вели Весна Милевска од Агенција за превод на документи.

    Покрај Хрватска, интересот останува константно голем и за Германија за оние кои работат одредени занаети, го продолжуваат образованието или добиваат работа на повисоки позиции.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира