Тринаесет охридски плажи ќе бидат уредени со урбана опрема, шанкови, лежалки, маси и столици, согласно Програмата за измена и дополнување на Годишната програма за поставување урбана опрема во Општина Охрид за 2023. Новите концесионери по тригодишна пауза ги добија плажите, кои сега мора да се уредуваат согласно препораките на УНЕСКО.
Нема да има градежни зафати, бетони ниту платформи во вода, а новите закупци се должни да остават 50 отсто од просторот слободен за посетителите. Од Општина Охрид најавија дека комуналните инспектори ќе бидат на терен за да се спречи било каква неправилност.
„Всушност, комисијата која првично излезе на терен и која ги испитуваше условите на дадени локации, бидејќи не се дадени сите локации кои што претходно беа плажи, е во помала форма. Треба да исполнуваат три услови: приклучок за вода, приклучок за струја и секако приклучок на колектор“, вели градоначалникот Кирил Пецаков.
Според условите дадени во јавниот повик, шанковите кои ќе се поставуваат треба да бидат лесно монтажно-демонтажни и изработени од природни материјали, дрво или имитација на дрво, кои ќе се вклопат во околината, без притоа да се наруши основната намена на просторот и безбедноста на сообраќајот.
Во Струга пак, како што најави градоначалникот Рамиз Мерко, покрај постоечките кои во 2021 се спасија од уривање, ќе има и нови, уредени и современи плажи, оти туризмот, според него, не смее да трпи.
„Овие градови опстојуваат со туризам , овие градови опстојуваат со користење на тие води, на тоа езеро. Работиме интензивно на зачувување на животната средина. Секоја драстична забрана за неискористување на овој благодет носи проблеми“, вели градоначалникот Мерко.
Новите закупци на плажите во Охрид имаат тригодишни договори, но тие можат да бидат раскинати ако Агенцијата за просторно уредување во меѓувреме го донесе Планот за управување со охридското крајбрежје, кој треба да покаже на кои места би можело да има уредени плажи.
С. ВРЕНЦОВСКА