Американскиот милијардер Џорџ Сорос му го предаде управувањето со неговото финансиско и добротворно царство на синот Алекс, кое се проценува на 25 милијарди долари. Деведесет и двегодишниот финансиер роден во Унгарија изјави дека Алекс го заслужил тоа.
Од 1990-ите, семејството го користеше своето богатство за поддршка на градењето на демократијата во десетици земји, но во изминатите години Џорџ Сорос се најде во фокусот на антисемитски теории на заговор. Тој е еден од најголемите донатори на американската Демократска партија, а 37-годишниот Алекс е второто најмладо од неговите пет деца. Алекс е единствениот член на семејството кој седи во инвестицискиот комитет на фондацијата која управува со семејното богатство.
„Колку и да не сакам да вложуваме пари во политиката, сè додека другата страна го прави тоа, и ние ќе мора да го правиме“, изјави Алекс Сорос, кој планира да води кампања против Доналд Трамп на следните избори.
Џорџ Сорос ја напуштил Унгарија по Втората светска војна и преку Лондон дошол во Њујорк, каде што се збогатил преку инвестициски активности. По падот на Берлинскиот ѕид ја основал Фондацијата отворено општество (ОСФ) за да го поддржи воспоставувањето на демократски влади во источниот блок. Таа досега има вложено 1,5 милијарди долари во повеќе од 120 држави. ОСФ ги префрли своите меѓународни операции од Будимпешта во Берлин во 2018, откако владата на Виктор Орбан поведе жестока кампања против Сорос.