ОТКРИЕНА УШТЕ ЕДНА ЗНАЧАЈНА ФРЕСКА ОД 13. ВЕК ВО ЦРКВАТА „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ ВО ЛЕШОК, МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА ВЕЛИ ДЕКА МОРА ДА СЕ ВОВЕДЕ ТРАЈНО ФИНАНСИРАЊЕ ЗА ИСТРАЖУВАЊА

    ОТКРИЕНА УШТЕ ЕДНА ЗНАЧАЈНА ФРЕСКА ОД 13. ВЕК ВО ЦРКВАТА „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ ВО ЛЕШОК, МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА ВЕЛИ ДЕКА МОРА ДА СЕ ВОВЕДЕ ТРАЈНО ФИНАНСИРАЊЕ ЗА ИСТРАЖУВАЊАНа олтарот на црквата откриена фреска на архиереј, најверојатно Свети Кирил Александриски, но допрва треба да се истражи. (Фото: СДК.МК)

    Во десната страна од олтарот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Лешок, откриена е уште една значајна фреска која потекнува од 14 или 13 век, а можеби и многу пред тој период. Во овој дел од црквата неколку недели траат конзерваторско-реставраторски активност при што, како најзначајно откритие е пронаоѓањето на трислојно фрескосликарство. Најгорниот слој е од 19 век, под него се наоѓа слој фрески од 17 век, а најоздола се фреските кои најверојатно настанале во периодот од 14 или 13 век. Трислојното фрескосликарство е исклучително ретка појава, а кај нас ова е можеби и единствен случај во кој се откриени големи фрагменти.

    „Ова е навистина големо откритие. Пред неколку денови во делот на олтарот на црквата откривме фреска на архиереј, најверојатно станува збор за Кирил Александриски, но за тоа ќе треба да се произнесат историчарите на уметноста кои треба да го датираат периодот од кога е фреската. Во секој случај, станува збор за исклучително старо и вредно сликарство. Како тим, макотрпно работевме на раслојување на сите три слоеви и успеавме да ги сочуваме и живописот од 19 век, и живописот од 17 век и да го презентираме на носач, што е навистина реткост во светски рамки“, изјави Владо Мукоски од Националниот конзерваторски центар.

    Историчарите на уметноста кои треба да го датираат периодот од кога е фреската, но во секој случај, станува збор за исклучително старо и вредно сликарство, вели Владо Мукоски од Националниот конзерваторски центар. (Фото: СДК.МК)

    Возбудата кога ја откривале фреската кај тричлениот тим кој работи во црквата, била навистина голема. Мукоски вели дека откривањето на некој начин се поврзало со претстојниот празник посветен на Свети Кирил Александриски.

    „Сметаме дека ова е фреска посветена на Свети Кирил Александриски кој во црквите од тој период се претставувал на ова место и во оваа големина. Возбудата од откритието беше навистина огромна. Ова откривање беше како некоја порака од Бога бидејќи за една недела, на 22 јуни, е денот на кој се празнува Кирил Александриски, и ете тој како да се покажа, како да излезе на светлина“, возбудено зборува Мукоски.

    Ова значајно откритие денеска беше посетено од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која најави дека ќе се залага ваквите истражувачки активности во наредниот период да бидат финансирани како редовна активност и да не мора секоја година наново да се аплицира за добивање пари за продолжување на работите.

    „Проекти како овој ни кажуваат дека треба да имаме што повеќе вложувања во културата. Она што сегашниот Закон за заштита на културното наследство не го дозволува е повеќегодишно финансирање. Ние, не само за оваа црква туку и за реконструкцијата на конаците. ќе направиме правно да биде издржано повеќегодишно финансирање за да бидеме сигурни дека овие работи ќе бидат постојано на приоритетна листа и дека ќе се завршат“, изјави министерката Костадиновска-Стојчевска.

    Во Лешочкиот манастир неколку години се врши реконструкција и на конакот, но таа никако да заврши. Министерката Костадиновска-Стојчевска најави дека наскоро ќе се распише нов тендер со кој ќе се направи целосно завршување на објектот, а не како досега работите да се одвиваат по фази.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира