„Преекспонирано“, дебито на Елеонора Венинова, доби специјална награда на фестивалот „КинЕст Фест“ во Катанија, Италија.
„Меѓународното жири на фестивалот го пофали филмот како ‘интелигентна и актуелна камерна претстава’, додавајќи дека ја доделило специјалната награда поради ‘режисерското мајсторство на држење на тензијата во куќата помеѓу тројцата карактери’“, соопшти продукцијата ДНФ.
Фестивалот „КинЕст Фест“ е посветен на кинематографијата на источна и централна Европа. Го организира фондацијата „Долина Миру“ во Катанија на Сицилија и трае речиси цел месец.
Светската премиера на „Преекспонирано“ беше лани во ноември во Каиро на фестивалот од А категорија, а азиската во Пуне, Индија во февруари. Филмот се прикажа и на фестивалот „Евроазја“ во Варшава. Играше и во кината низ земјава, а сѐ уште е на репертоарот на киното Милениум во Скопје.
Во „Преекспонирано“ играат Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска и Марјан Наумов. Кинематографер е Лев Предан Коварски, музиката е на Линдзи Рајт, сценографијата на Срѓан Митровиќ, монтажер е Гоце Кралевски, костимите се на Жаклина Крстевска, монтажер за звук е Дарко Спасовски. Продуцент е Гоце Кралевски од „ДНФ филмс“, копродуцентка е Мирјана Томиќ од „Лилит“ од Србија. Филмот е поддржан од македонската Агенција за филм, Српскиот филмски центар и Еуримаж.