СУДСКИОТ СОВЕТ НЕ СЕ ОДНЕСУВА НОРМАЛНО, РАЗГЛЕДУВАМЕ НАЧИНИ ЗА НЕГОВО РАСПУШТАЊЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА КРЕНАР ЛОГА

    СУДСКИОТ СОВЕТ НЕ СЕ ОДНЕСУВА НОРМАЛНО, РАЗГЛЕДУВАМЕ НАЧИНИ ЗА НЕГОВО РАСПУШТАЊЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА КРЕНАР ЛОГАОчекувам враќање на Судскиот совет во нормала, имаме решенија за распуштање, вели министерот за правда. (Фото:СДК.МК)

    Министерот за правда Кренар Лога, кој беше еден од првите кои се обидоа да му укажат на Судскиот совет, односно на тогашниот потпретседател Селим Адеми и на членовите кои го поддржаа во незаконското разрешување на претседателката Весна Дамева пред околу два месеца дека тоа што го прават е опасен преседан, денеска изјави дека лично тој разгледува опција сегашниот состав да се распушти.

    „Тоа што се случи во Судски совет сите не загрижува и го осудуваме тоа. Очекувам враќање во нормала. Едно од можните решенија, за кои разговарам и со политичките партии и со власта, е со законски преодни одредби да имаме престанок на мандатот на сегашниот состав на ова тело“, кажа министерот за правда Кренар Лога.

    Лога додаде дека за неговата идеја, повеќе информации ќе има во следните денови, откако ќе разговара и со опозицијата во Собранието.

    Во меѓувреме, се составуваат законски измени со кои конечно ќе се стави рампа на бесконечните и неограничени овластувања и моќ на ова тело – врв на судската власт, бидејќи сиве овие 20-ина години од постоењето, служеше главно за злоупотреби, под диктат на извршната власт и на најмоќните луѓе во бизнисот во нашата држава.

    Ниту еден од плејадата членови кои изврвеле низ годините во Судскиот совет, не одговарал кривично за злоупотреба на функцијата додека судството го допре дното. Напротив, партиската послушност во Судскиот совет е отскочна даска за „најистакнатите“ членови.

    Досега немало ни оставки на членови на Судскиот совет. Први во неговата историја, оставки си дадоа судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска – Стефкова, пред две недели, по незаконското и насилничко разрешување на Весна Дамева од претседателската функција, за што таа му поднесе кривична пријава до Обвинителството, но и тужба до Управниот суд.

    „Ако има вакви законски измени, тоа ќе биде со консензус во Собранието со сите политички партии. Затоа, ова се опциите кои што може ние да ги имаме како решение, кажа Лога.

    Одговарајќи на новинарски прашања за резултатите од анкетата на ОБСЕ за негативните оценки за судскиот систем, Лога посочи дека при крај е Стратегијата за 2023-2027 година, во чија работна група се дел од институциите, истакнати професори, академци, кои, како што посочи, ќе кажат како да се справиме со овој голем предизвик во судството.

    „Загрижен сум за истите бројки и податоци, кои ги кажува не само извештајот на ОБСЕ, туку и сите други институции во државата и меѓународната заедница“, рече тој.

    И Лога ја потврди информацијата објавена во САКАМДАКАЖАМ.МК дека записник од седницата на која беше разрешена незаконски Дамева, за тој како потпретседател да ѝ го земе местото, да закаже и да избере нов претседател – се уште нема!

    За жал се уште го немаме записникот кој го бараме. Не добив ниту објаснување за тоа“, одговори министерот за правда.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира