Реконстуирана е полициската станица на граничниот премин Пелинце на македонско-српската граница, во пресрет на туристичката сезона и зголемениот обем на работа. Реконструкцијата чини 617 илјади денари (околу 10.000 евра), а средствата ги обезбедила Меѓународната организација за економски развој во соработка со македонското полициско здружение ИПА.
„Преминот функционира со две нови рампи со далечинско управување, нов канцелариски мебел, нови јарболи и знамиња, реконструирани се подовите и електрична инсталација во објектите. Тоа значително ќе ги подобри условите за работа во однос на предходниот период, бидејќи објектот е преземен од АРМ во 2004 година. Колку се важни условите за работа на полициските службеници, толку е важна и услугата која тие ја даваат на граѓаните и нивната безбедност“, кажа министерот Оливер Спасовски, кој вчера го посети реконстуираниот објект.
Граничниот премин Пелинце ја поврзува земјава со Србија преку граничниот премин Прохор Пчински, и најмногу се користи во време на туристичката сезона кога има големи гужви од туристи на преминот Табановце. Најчесто го користат туристите од Србија, кои транзитираат кон Грција.
Во 2022, на овој граничен премин влез и излез во државата имале 194.435 патници, од кои само во туристичката сезона 145.940 патници биле домашни и странски државјани. Од почетокот на годината до 16 јуни, преминот го користеле 30.609 патници, и се очекува дека ќе се зголемува бројот како наближува сезоната на годишните одмори.
С. НИКОЛИЌ