Украина ракетираше мост кој го поврзува окупираниот дел на Херсон со Крим, што доведе до пренасочување на сообраќајот, изјавија проруските власти на Херсон. Наречен „порта кон Крим“, мостот „Чонхар“ е една од само неколку директни врски меѓу Крим и копното на Украина.
Мостот има и важна логистичка улога за руската војска, која преку него се движи меѓу Крим и окупираните делови на Украина.
Владимир Салдо, гувернерот на Херсон поставен од Русија, изјави дека мостот е оштетен, но нема жртви. Тој објави фотографија на Телеграм, на која се гледа голема дупка на површината на мостот.
„Првичните информации велат дека Украина го гаѓала мостот со британските проектили ‘сторм шедоу‘. Знаеме како брзо да го поправиме мостот и возилата наскоро повторно ќе одат по него“, кажа Салдо.
Рускиот гувернер на Крим, Сергеј Аксјонов, изјави дека моментално се врши проценка на штетата на мостот.