За да се испита состојбата на внатрешните кабли за преднапрегање на мостови мора директно да им се пристапи и постојат специјални технологии за тоа, вели францускиот експерт Жулијан Ердоган, кој беше еден од говорниците на тематската конференција „4С“ на Градежниот факултет, што се одржа по повод 60 години од земјотресот во Скопје. Тој одговори на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали е можно оштетувањата на мостот „Беласица“ да се испитаат со дрон, откако минатата недела Приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени на инженерот Михаил Гаревски, кој беше ангажиран од Град Скопје, заклучи дека на опожарениот мост му е потребна само лесна санација, откако неодамна извршиле испитување со дрон.
„Проектот не ми е познат во детали, но ако збориме за каблите за преднапрегање што се наоѓаат во мостот, постои технологија која овозможува да се испита нивната состојба. Ако каблите се надворешни, тогаш можеме директно да им пристапиме, а ако се внатрешни, има две различни технологии кои можат да се применат за нивно испитување. Значи, ако преднапрегањето е внатрешно, потребно е да се пристапи директно до каблите. За внатрешните кабли кои едноставно не се видливи постојат соодветни технологии за да се процени и испита нивната моментална состојба“, вели Ердоган кој е регионален директор на француската компанијата „Фресине“ специјализирана за конструкција на мостови со преднапрегање.
Инженерската компанија „Фресине“, која има подружници во повеќе од 60 држави низ цел свет, е основана пред 80 години од Ежен Фресине, кој важи за пронаоѓач на преднапрегањето во градежништвото.
Тимот на професорот Михаил Гаревски немал пристап до централниот распон на мостот, па каблите за преднапрегање во тој дел биле испитани врз основа на снимка од дрон, за која тој кажа дека ја смета за релевантна. Снимката се правела само странично, бидејќи, како што минатата недела кажа Гаревски, под цевките за парно има жици и дронот не може да се движи таму.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска минатата недела во гостување на ТВ Сител рече дека ‘Беласица’ ќе се санира многу брзо и едноставно со козметичко рефреширање.
„На мостот ќе треба да се направи одредена санација која се однесува на козметичко рефреширање на она кое што е паднато во делот на бетонот. Во суштина нема ништо кое што влијае на стабилноста, сигурноста и безбедноста и тоа е она коешто е најважно за нас“, рече Арсовска.
Мостот „Беласица“ кај Железничката станица во Скопје е затворен за сообраќај повеќе од еден месец откако се запали во долниот дел ноќта помеѓу 10 и 11 мај и гореше четири часа, по што деканот на Градежен факултет, Горан Марковски, кажа дека би можел да биде вон функција најмалку една година.
Дека оштетувањата се сериозни, дополнително потврди и проектантот на мостот Вукан Њагуљ.
- ОШТЕТУВАЊАТА НА МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ СЕ СЕРИОЗНИ, ПОТРЕБНИ СЕ ДЕТАЛНИ ИСПИТУВАЊА, ВЕЛИ ПРОЕКТАНТОТ ВУКАН ЊАГУЉ
- ОПОЖАРЕНИОТ МОСТ ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН НАЈМАЛКУ ЕДНА ГОДИНА, ИНСТИТУЦИИТЕ СЕ ЛЕЖЕРНИ, А РАБОТАТА Е СЕРИОЗНА, ВЕЛИ ДЕКАНОТ НА ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ МАРКОВСКИ
За експертските мислења градоначалничката изјави дека се „сериозна пропаганда и небулозни изјави“, откако претходно Градот обајви дека е „несериозно од декани, неименувани експерти како и неименувани ‘извори’ да се предизвикува паника кај граѓаните“.
„Тие изјави беа дадени од некаква си експертска јавност“, рече Арсовска на гостувањето во вестите на ТВ Сител минатата недела и тврдеше дека сите мостови коишто ги има во Град Скопје и се во нејзина надлежност редовно се одржуваат и дека „на некои од нив треба да се направи некоја козметичка санација меѓутоа, генерално се безбедни, сигурни за движење“.
Г. КОНЕВ