ОПОЖАРЕНИОТ МОСТ ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН НАЈМАЛКУ ЕДНА ГОДИНА, ИНСТИТУЦИИТЕ СЕ ЛЕЖЕРНИ, А РАБОТАТА Е СЕРИОЗНА, ВЕЛИ ДЕКАНОТ НА ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ МАРКОВСКИ

    ОПОЖАРЕНИОТ МОСТ ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН НАЈМАЛКУ ЕДНА ГОДИНА, ИНСТИТУЦИИТЕ СЕ ЛЕЖЕРНИ, А РАБОТАТА Е СЕРИОЗНА, ВЕЛИ ДЕКАНОТ НА ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ МАРКОВСКИПрофесорот во меѓувреме предлага Град Скопје сериозно да се зафати да го пушти во сообраќај новиот мост на булеварот АСНОМ во Аеродром.(Фото: К.Попов)

    Мостот „Беласица“ кој минатиот четврток доцна вечерта се запали ќе биде затворен најмалку една година, вели деканот на Градежниот факултет од Скопје, професот Горан Марковски. Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека сериозна е работата со мостот, потребна е сериозна истрага и е зачуден од лежерниот однос на институциите.

    Марковски утрото по пожарот на, како што вели „колегијално барање на колегите од Град Скопје, а не официјално“ бил на увид и од првичните сознанија постои сериозен ризик за безбедноста на мостот.

    „Високите температури штетат на три составни компоненти на мостот, односно на бетонот, обичната арматура и најкритична точка се каблите кои се внатре во бетонот на мостот. Каблите се изработени од високо вреден челик, тие се многу чувствителни на високи температури и ги губат своите карактеристики ако дојдат до контакт со висока температура. Прашањето е, односно треба да се утврди која температура стигнала до нив и дали нивната носивост е нарушена. Тоа не е ни малку лесно, бара сериозна истрага и не е добар ваквиот лежерен однос на институциите“, вели Марковски.

    Град Скопје досега уште не ангажирал тим од Градежниот факултет и стручни лица кои ќе извршат испитувања на мостот, ќе направат извештај и ќе дадат насоки што понатаму, односно каква реконструкција е потреба. Марковски вели најпрво е потребно време од неколку месеци да се извршат испитувањата за да се даде извештај за состојбата, а потоа ќе треба време за реконструкција.

    „Најмалку една година мостот ќе биде затворен. Мој предлог е да се најде сериозна компанија која по анализата за оштетувањето ќе направи и проект и ќе ја врши реконструкцијата. Ако се тера јавна набавка за проектирања, па јавна набавка за изведувач, две години ќе бидат потребни мостот да се врати во функција. Деликатен е проблемот, треба знаење, опрема и правилни одлуки“, додава Марковски.

    Професорот во меѓувреме предлага Град Скопје сериозно да се зафати да го пушти во сообраќај новиот мост „Михајло Апостолски“ на булеварот АСНОМ во Аеродром. Токму Марковски е проектант на мостот и вели дека тој е комплетно готов, поминат е и технички прием.

    „Во оваа ситуација во која се наоѓаме треба да се најде начин да се пушти некој крак за приклучување на мостот кој е готов, не мора да се чека да се завршат сите имотно-правни односи за пробивање на трасата низ Ќерамидница. Од моите информации мислам дека еден крак со одредени градежни зафати може да се пушти и да се овозможи алтернатива за тој дел од градот“, смета Марковски.

    Марковски вели дека пожарот на мостот „Беласица“ отвара многу прашања односно како може изолацијата да не биде направена од незапалив материјал, дали имало кабли за електрична енергија на мостот и дали тие биле заштитени. Вели дека недозволиво е тој да гори 4 саати, а Пожарната да не може да реагира поради ситуацијата на терен.

    Поминаа 6 дена откако мостот се запали и оттогаш е затворен не само за возила туку и за пешаци, а градоначалничката Данела Арсовска не се појавила на увид, ниту одржа прес-конференција за оваа тема. Официјално соопштение или информација нема ни од Град Скопје, а нигде на страната на Градот не стои дека мостот е затворен. Арсовска вчера беше учесник на конференција организаирана од УНДП за урбана отпорност и подготвеност за земјотреси, но како и цела година и половина од мандатот, и сега пак ги избегна новинарите. Им рече дека наредните денови ќе има прес-конференција. Во интервју пак за Телевозија 21 рече дека чека извештај од МВР и ЦУК.

    Мостот „Беласица“ почна да го гради ексградоначалникот Ристо Пенов, а беше пуштен во употреба на Денот на независноста, 8 Септември 2005 година, неколку месеци по доаѓањето на функција на Трифун Костовски. Изградбата на мостот чинеше 3 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира