Зелениот покрив на Градскиот трговски центар во центарот на Скопје е целосно запуштен. Четири години откако беше пуштен во употреба, сликата е како никој да не го одржува и да е заборавен. Дел од садниците и зеленилото се исушени, фонтаната е празна и не работи. Просторот кој е изведен како табла за шах е искршен и плочките се демолирани.
Зелениот покрив беше направен во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов и чинеше 550.000 евра. По неговото пуштање во употреба, Шилегов кажа дека понатаму за одржување на просторот ќе биде одговорен ГТЦ.
Директорот на Градскиот трговски центар Ѓоко Трајчевски вели дека несовесни граѓани постојано го уништуваат зелениот покрив и затоа се наоѓа во ваква состојба.
„Уште пред неколку месеци распишавме тендер, но беше неуспешен. На вториот е избрана фирма и наскоро ќе интервенираме“, ни рече Трајчевски.
Зелениот покрив на ГТЦ е заеднички проект на Град Скопје и УНДП. Уреден е просторот од 1.800 квадратни метри и засадени се 29 висококвалитетни дрвја и 3.656 разни видови садници. Изведени се фонтани и базени, шаховско поле, мини амфитеатар и поставена е урбана опрема од клупи, корпи за отпадоци и паркинзи за велосипеди. Низ целото зеленило поставен е систем за наводнување на садниците во нивниот корен.
Иницијативата за изведба на зелениот покрив не беше само да се креира нов зелен простор во центарот на градот, поточно во Малиот ринг, туку и да се влијае на намалувањето на температурата на овој простор.
А. АНТЕВСКА