СИЛНОТО НЕВРЕМЕ ВО ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ЦЕЛОСНО УНИШТИ ЗЕМЈОДЕЛСКИ НАСАДИ И ПОПЛАВИ ДОМОВИ И УЛИЦИ

    СИЛНОТО НЕВРЕМЕ ВО ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ЦЕЛОСНО УНИШТИ ЗЕМЈОДЕЛСКИ НАСАДИ И ПОПЛАВИ ДОМОВИ И УЛИЦИНевремето беше проследено со град со големина на орев (Фото: СДК.МК)

    Огромни штети на земјоделските насади предизвика невремето што го зафати регионот на Охрид, Струга и Дебрца, проследено со град со големина на орев, грмотевици и засилен ветер. Има и поплавени места, куќи и дворови, а граѓаните се жалат и на оштетени автомобили.

    Од Општина Охрид велат дека досега се пријавени само штети од поплави, но очекуваат најголемите поплаки да дојдат од земјоделците.

    „Најголемиот проблем е отежнатиот сообраќај на одредени пунктови, каде што имаме сериозен проблем со надојдената вода, а има и поплавени домови. До овој момент, освен поплавите на одредени места, нема други пријавени штети, а штетата на земјоделските површини очигледно ќе биде огромна. Дополнително ќе се сумираат сите резултати, откако земјоделците ќе ги пријават своите штети. Нè чека сериозна работа. Охрид го зафати невреме кое траеше повеќе од половина час со зрна град големи колку орев и нормално е да има штета“, вели градоначалникот Кирил Пецаков.

    Тој вели дека сите пумпи за исцрпување вода со кои располага локалната самоуправа се ставени во функција, а доколку е потребно, ќе се набават и дополнителни. На најголем дел од критичните места водата ќе се исцедува преку колекторот, а за проблемите со атмосферската и фекалната канализација, на терен се јавните претпријатија кои ги чистат сливниците. Се чистат и наносите од земја, кои поради обилните дождови се на патиштата. Пецаков вели дека до крајот на денот ќе се создадат услови сообраќајот да се одвива нормално секаде низ градот.

    Жителите на Општина Охрид настанатите штети од невремето може да ги пријават до 30 јуни.

    Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека по завршувањето на кризниот штаб на Општина Охрид е известен Регионалниот ЦУК Охрид дека службите Нискоградба, Водовод и Противпожарната единица се координираат за постапување по приоритетните пријави на штети. По излегувањето на терен, повторно ќе има седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, а според ситуацијата ќе се координира и помош од соседни општини.

    Штетите во земјоделството допрва ќе се утврдуваат, но граѓаните коментираат дека им е уништено сè што посадиле. Велат, скоро и да не остана ништо.

    „Вакво нешто не паметам. Повеќе од 30 години колку што одгледувам цреши ова не се случило. Сè е уништено“, вели 56-годишен охриѓанец.

    Градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески, вели дека ова е крај на основната егзистенција на земјоделците доколку Владата и Министерството за земјоделство не обезбедат средства за да ги обесштетат.

    „Вакво нешто не сум доживеал во животот. Ова што денеска ја зафати Дебрца за миг ја однесе во неповрат земјоделската мака. Уште сега со сигурност можам да кажам дека штетите на земјоделските култури се стопостотни. Нема ништо да остана здраво“, кажа Ногачески.

    Во Охридскиот Регион за денеска се најавуваат нови интензивни врнежи, проследени со силен ветер.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира