Пет камиони биле наполнети со разновиден отпад, најмногу пластични шишиња, на последната екоакција на браната Калиманци. Акцијата била иницирана од еколошкото друштво „Здравец“ од Македонска Каменица и биле извадени речиси 10.000 пластични шишиња, најмногу наталожени пред главниот насип на браната. Последното чистење било спроведено пред неколку години, во време кога браната немала концесионер.
„Во изминатите години состојбата е изменета затоа што Калиманци доби концесионер. Тоа е риболовното друштво ‘Шаран‘, кое има и обврски да се грижи за риболовот и за чистотата на акумулацијата. Затоа планираме заеднички и координирани акции на сите чинители кои имаат некаква поврзаност со браната долга над 14 километри, која акумулира над 14 милиони кубни метри вода“, вели претседателот на „Здравец“, Миран Митревски.
Слични заеднички екоакции најавува и Благојчо Богатинов, раководителот на подружницата „Брегалница“ од Кочани, во чиј хидромелиоративен систем влегуваат и браните Калиманци и Гратче.
„Ги правиме првите разговори за организирање сеопшта акција за чистење на акумулациите од каков било отпад. Мислам дека ова лето или по одморите ќе се организира една таква акција“, вели Богатинов.
Тој смета дека дотогаш ќе се создадат неопходните услови. Во прилог оди и стабилизирањето на водната состојба во акумулацијата. Деновиве, браната е со испразнето ниво од 40 сантиметри, кое ќе се зголеми на 60 сантиметри, затоа што во тек е корисен и превентивен испуст на вода, што се прави за потребите на хидроцентралата и за да се ослободи простор за прифаќање на сите приливи вода, ако евентуално има нови врнежи од дожд.
Т. ЈОВАНОВСКИ