Дрин Ахмети, 25-годишниот внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на прес-конференција појасни дека тој не го купува сам деловниот центар „Соравија“ во центарот на Скопје, туку во оваа зделка влегува со албанскиот бизнисмен Владимир Пјетерѓокај. Тој кажа дека компанијата има долг од 20 милиони евра кон банките, што целосно ќе го преземат.
„Подготовките за овој договор ги почнавме уште во април 2022, кога испративме писмо со намери за да добиеме пристап до финансиската состојба на ‘Соравија‘. Така дознавме дека компанијата има голем долг, што не може да го врати. Со Владимир Пјетерѓокај видовме голема можност во ова и во октомври 2022 се сретнавме со Хано Соравија во Виена, кога му го претставивме нашиот план. Веднаш се создаде хемија помеѓу нас, на Соравија му се допадна предлогот и посака да остане акционер во компанијата“, кажа Дрин Ахмети.
Тој додаде дека имале секојдневни разговори од октомври до 26 мај оваа година, кога бил потпишан договорот за купопродажба на акциите.
„Се согласивме да го преземеме целиот долг на ‘Соравија‘ од 20 милиони евра, за што преку банката ‘Креденс‘ од Тирана е одобрена кредитна линија од шест милиони евра, од кои три веќе се исплатени. Тоа е нашата приказна за финансирањето. Нашата цел е да ја промениме иднината на ‘Соравија‘ во профитабилна компанија“, кажа Ахмети.
Соравија, кој се обрати преку видеоврска, кажа дека презимето Ахмети и политиката не играле никаква улога во неговата одлука да го продаде деловниот центар. Тој не ја откри целосната вредност на договорот и кажа дека ќе задржи 10% од акциите.
Пјетерѓокај се претстави како бизнисмен кој работи во Албанија, Косово, Хрватска и Италија, што вклучува и градежни проекти во регионот вредни десетици милиони евра.
Г. КОНЕВ