Уставните судии по сопствена иницијатива оформиле предмет за оценување на уставноста на Упатството на министерот за правда Кренар Лога за водење матични книги на родени, со нова графа во која се искажува и националната, односно етничката припадност. Ова Упатство што го поддржа и премиерот Димитар Ковачевски јавно на 22 јуни, има долг назив.
Станува збор за Упатството донесено од Министерството за правда на 29 мај годинава.
„Уставните судии денеска одржаа состанок на кој едногласно одлучија да се оформи предмет во кој ќе се води постапка за оценување на уставноста на „Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги”, соопшти денеска Судот.
Состанокот се одржал на предлог на претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска и присуствувале сите судии. Согласно Деловникот, овој предмет е предаден на судија-известител и советник на Судот, а веќе се води претходна постапка за испитување на уставноста на Упатството.
Граѓанин досега не поднел иницијатива да го оспори Упатството на Лога, кое толку ја вознемири јавноста, туку поднел самоиницијативно Уставниот суд.
Ковачевски пред 5 дена, пред медиумите кажа дека е законски донесеното Упатство со акт на министерот за правда Кренар Лога за водење на матичните евиденции, во кое покрај податоците кои се утврдени со Законот за матични евиденции, воведена е графа во која се искажува и националната, односно етничката припадност.
„Во Законот во член 3,4, 11 и 13 точно е наведено што се се запишува во нашата матична евиденција. Треба веднаш да се пристапи кон реформа на таа законска регулатива. Тоа останало од 1995 и треба да се услогласи со европското законодавство и карактерот на нашиот Устав“, го правдаше Ковачевски бесмисленото Упатство на Лога.
С. К. ДЕЛЕВСКА