Упатството донесено од министерот за правда Кренар Лога за воведување графа за етничка припадност во матичните книги на родени, за претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска е неуставно и затоа таа на колегиум предложила да се оформи предмет. Од рефератот што ќе го изнесе судијата-известител, ќе зависи дали Уставниот суд ќе покрене иницијатива за преиспитување на уставноста на графата, односно Упатството, за кое таа само кажа дека се коси со Уставот по неколку основи. Рефератот ќе биде готов многу скоро, најави Кацарска.
На денешниот брифинг со новинарите, Кацарска несакајќи, како што рече, да влијае врз натамошната постапка и на одлуката дали ќе се поведе иницијатива, одби да каже каде точно се судира тоа Упатство за националност со постулатите на Уставот. Предлогот на Кацарска самиот Уставен суд да оформи предмет, го прифатиле сите нејзини 6 колеги.
На новинарско прашање дали додека Уставниот суд донесе одлука ќе има времена мерка тоа да не се користи, Кацарска кажа дека во оваа фаза, кога точката не е на седница, таква времена мерка Судот не може да изрече.
„Постапката во Уставниoт суд за времени мерки не е како што е во граѓанскиот суд, на пример. Ние можеме во текот на нашата работа, ако поведеме постапка, во таа фаза одлучуваме за привремена мерка. Не можеме пред седница да одлучиме за привремена мерка“, кажа таа.
Ова Упатство е врзано со Законот за матична евиденција.
Дали предмет на оценување ќе биде само подзаконскиот акт или Законот за матична евиденција, претседателката на Уставниот суд рече дека не знае како ќе одлучи Судот.
„Ние имаме оформено предмет само за Упатството, дали во текот на постапката ќе се осврнеме и на Законот, или во меѓувреме ќе има иницијатива за Законот или ние ќе оформиме предмет и за него, тоа е нешто за што може да говориме потоа. Во оваа фаза е оформен предмет за Упатството. Што понатаму, ќе видиме“, кажа Кацарска.
Целосниот назив на овој акт од кој Лога ја воведе графата за етничка припадност е: Упатство за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги.
С. К. ДЕЛЕВСКА