Сателитска снимка со висока резолуција покажува стотици нови структури налик на шатори во Белорусија, за кои се верува дека претставуваат камп на „Вагнер“. Тие се појавија набргу откако платениците на „Вагнер“ и нивниот лидер Евгени Пригожин добија дозвола да заминат во Белорусија, во рамките на договорот со кој беше запрена нивната побуна во Русија.
Сателитската снимка покажува активност во напуштена воена база оддалечена 21 километар од градот Асиповичи. Некои руски медиуми објавија дека борците на „Вагнер“ би можеле да бидат стационирани на ова место. Во изминатите две недели тука биле поставени над 300 структури налик на шатори.
На сателитска снимка од 15 јуни овие структури ги нема. На последната од 30 јуни се гледа обемот на работите што се изведуваат во базата. Засега нема официјална потврда дали „вагнеровци“ навистина ќе бидат сместени тука, но белорускиот лидер Лукашенко претходно кажа дека им понудил една напуштена воена база.
Полска, Летонија и Литванија веќе изразија загриженост поради преместувањето на „Вагнер“ во Белорусија, стравувајќи дека групата би можела да изведува диверзантски акции.
По прекинот на побуната, Владимир Путин им понуди три опции на борците на „Вагнер“ и засега имало премалку информации што се случува со групата.