За злоупотреба на службената положба и овластувањата и за перење пари во истрагата за „Скопје 2014“, во случајов за 11 споменици меѓу кои и „Воинот на коњ“, осомничени се и избеганиот премиер Никола Груевски и ексминистрите за финансии и за култура, Зоран Ставрески и Елизабета Канческа-Милевска.
Овие споменици, меѓу кои и тој на Цар Самоил и на творците на ВМРО, овде имале многу висока тендерска вредност, а во Италија исклучително мала. Плаќањата стигале од Општина Центар до Италија, до фирмите на осмиот осомничен, италијански бизнисмен без лиценца за леарница на споменици. Потоа, низ офшор фирми тој ги перел парите од Македонија и ги враќал назад во фирмите, чии управители се осомничени. Тие ги подигале испраните пари, ги предавале на едно место.
Истрагата е во тек и уште траат претресите.
Обвинителот Љубомир Лапе кој ја води истрагата, кажа дека има и барања за конфискација на нелегално стекнат имот, за да се спречи негово натамошно отуѓување. Засега се осомничени 15 физички и 7 правни лица, меѓу кои е и италијански државјанин.
Обвинителот Лапе кажа дека не постои програма, документ или какво било хартивче за „Скопје 2014“, а во тоа име преку незаконски одлуки предложени од осомничените, се спровеле незаконски јавни набавки во Општина Центар за изградба на споменици за историски важни личности за државата, за кои е надлежно Собранието.
Груевски, заедно со вицепремиерот Зоран Ставрески и градоначалникот Владимир Тодоровиќ , советници и претседателот на Советот на Општина Центар Владимир Здравев, се поврзале и започнале реализација на проект „Скопје 2014“ за кој не постои документ. Поднесувале иницијативи за изградба на историски значајни личности пред советниците на Општина Центар.
Со владина одлука поднесувале иницијативи до Општината, дел во мандатот на градоначалничката Виолета Аларова, дел на Тодоровиќ. Во ова здружение за споменици формирано од Груевски, бил и претседателот на општинскиот Совет Владимир Здравев.
Здравев е уапсен вчера на Табановце, а Тодоровиќ на скопскиот Аеродром, на враќање од Загреб.
„Феникс“ е кодното име на оваа истрага.
С. К. ДЕЛЕВСКА