Групната изложба „Скопски урбани приказни во 5 до 17“ ќе биде поставена од денес до 9 јули, на повеќе места низ градот. Изложбата ја организира Друштвото на ликовни уметности (ДЛУМ) за одбележување два значајни јубилеја, 60 години од скопскиот земјотрес и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. Изложбата е дел од програмата на Скопско лето.
Ќе бидат изложени делата на 23 уметници кои се поканети од кураторката Дијана Томиќ-Радевска. Преку класичен, интердисциплинарен и мултимедијален пристап, овие уметници ќе ги прикажуваат своите дела на различни локации во централното градско подрачје на Скопје.
„Една од забележливите карактеристики на оваа изложба е вклучувањето на текстот ‘На пет и седумнаесет’ од Ацо Шопов. Оваа потресна песна е посветена на земјотресот во Скопје и духот на светската солидарност. Спојот на литературата и ликовната уметност, како и синергијата на сетилата, емоциите и интелектот, ветуваат возбудлива прошетка низ градот преку уметност“, велат од ДЛУМ.
Свеченото отворање е во 17:17 часот во Културно информативниот центар (КИЦ), и изложба во паркот и продажната галерија, на која ќе бидат претставени делата на десет уметници. Патувањето потоа ќе продолжи до Францускиот институт Скопје – изложбена галерија, каде што ќе бидат изложени дела на двајца уметници. Следна локација е приватната галерија „Грал“ каде се претставени делата на седум уметници. Изложбата ќе продолжи до улицата „На липите“ во Дебар Маало (Буњаковец), каде што ќе биде поставена објектна инсталација од уметник.
Финалето на изложбата ќе се одржи во Градската кафеана „Пелистер“, каде ќе бидат изложени две уметнички инсталации, а како гости ќе учествуваат соработници од училиштето „Партенија Зографски“ кои ќе го презентираат текстот на Ацо Шопов „Во 5 и 17“ на македонски знаковен јазик.
Б. НЕСТОРОСКА