Првиот кармин во светот, првиот современ парфем, ротирачка четка за заби, оригиналната „нивеа“ крема и серум, се дел од богатствата што се чуваат во првата архива на „Герлан“ која оживува приказни од богатото минато на легендарната француска козметичка компанија. Архивата, или како што вели агенцијата Асошиејтед прес (АП), складиште на богатства, е обвиена во тајност и скриена од очите на јавноста, покрај Сена во Париз.
„Скапоцен камен од документи и мистериозни предмети во период од три векови, секој со своја уникатна историја“, се вели во ексклузивната репортажа на АП.
Сепак, она што е можеби највпечатливо за колекцијата, е тоа што компанијата основана во 1828 година, која ја измисли модерната парфимерија, не ја составила досега.
„Ние ова го нарекуваме ‘Наша мала тајна’. Тешко беше да се одберат 400 парчиња од 18 илјади, од толку многу години. Но, успеавме. Некои од парчињата се толку кревки, страв ми е дури и да ги допрам“, вели Ен Каролин Празан, директорка за наследството на „Герлан“.
Внимателно, со бели ракавици, таа раскажува за иновациите на „Герлан“ и славните личности кои биле корисници на нивните производи, како Грејс Кели, Жаклинa Кенеди, Барбра Стрејсенд, Маргарет Тачер и кралицата Елизабета Втора.
Најскапоцен предмет од колекцијата е кармин од 1870, во златна опаковка.
„Толку е модерен“, тивко вели таа, додека го отвора карминот со темно бордо боја, сѐ уште недопрен после 153 години.
Карминот има неверојатна приказна. Вработен во „Герлан“ одејќи по улица, забележал продавница за изработувач на восок, и имал момент на еурека. Сѐ дотогаш, жените користеле пудра во боја за да ги бојадисуваат усните. Идејата за создавање кармин во стик, вработениот ја добил кога го видел алатот на мајсторот за восок.
Во архивот е поставена и фотографија од кралицата Елизабета Втора, која била толку голем обожавател на парфемот „L’Heure Bleue“ , што легендата вели дека испразнила шишенце и го наполнила со маслото од нејзиното крунисување во 1952.