На мостот „Беласица“ сметам дека не се направени сите потребни испитувања и анализи за оштетувањата, вели професорот и декан на Градежен факултет Горан Марковски. Марковски кој е професор за бетонски мостови и санација на бетонски конструкции повеќе од 35 години, не беше ангажиран од Град Скопје во испитувањата по пожарот кој го зафати мостот на 12 мај. Експертизата ја вршеше приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени на професорот Михаил Гаревски
Марковски како експерт за оваа проблематика, со оглед дека станува збор за сериозно прашање и мост кој е една од главните сообраќајници во Скопје, на Градежниот факултет во Скопје даде свое излагање за тоа какви сè испитувања треба да се направат за да се утврди состојбата и степенот на оштетувања.
„Јас не викам дека мостот има сериозни оштетување, туку дека се потребни детални анализи, а колку што знам таква анализа не е направена. Не може да се врши испитување на каблите за преднапрегање со снимки со дрон, постојат начини, опрема и механизми како тоа се испитува“, вели професорот Марковски.
Тој како експерт кој работи на мостови и бил дел од тимот кој работел на проектот на НАТО за санација на мостовите низ државата во почетокот на 2000-тите години, објаснува дека постои методологија за дејствување која треба да се спроведе за ризиците да се сведат на минимум.
Мостот „Беласица“ е со конструкција од напрегнат бетон која е многу почувствителна на пожар од армирано-бетонските конструкции и затоа стравот и претпазливоста треба да е поголем, вели Марковски и треба подлабински истражувања.
„Колку пожарот е подолготраен се формираат микро пукнатини кои не се видливи со голо око, а знаеме дека пожарот траел 4 часа. Не е гаранција ниту тоа дека ако не се менува бојата дека бетонот е добар. Каблите за предднапрегање на висока температура омлитавуваат, се издолжуваат и силата им опаѓа. Многу е важно да се утврди дали температира од над 200 степени стигнала до каблите. Несфатливо е да се прави испитување, а да не се допре до средното поле на мостот. Тоа е недозволиво за ваква експертиза. Постојат скелиња, но и машини кои овозможуваат пристап до средното поле, да се влезе до сандаците на мостот и да се земат соодветни примероци. Зошто не е влезено не ми е познато, несериозно е да се носат заклучоци врз база на снимки“, додава Марковски.
Ако испитувањата покажат дека е оштетен само бетонот тогаш според Марковски санацијата би траела 2-3 месеци, но ако има оштетувања и на каблите за преднапрегање уште плус неколку месеци. Смета дека без разлика колкави се оштетувањата мостот може да се санира и не е потребно негово уривање.
Професорот Гаревски мината недела кажа дека експертизата е готова, нема сериозни оштетување и ќе треба санација само на бетонот. Г
радоначалничката Данела Арсвовскаја нема да излезе со прес-конференција на која ќе ја образложи експертизата која ја нарача и да каже како ќе оди понатаму постапката. Арсовска неколку дена по пожарот на мостот откако дел од стручната фела излезе со првични информации за неговата состојба, ги нарече професорите и деканот на Градежен факултет самонаречени експерти кои давале паушални изјави во медиумите.
А. АНТЕВСКА