ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ЗАКОНСКИ МОЖЕ ДА ОТСУСТВУВА ОД РАБОТА ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ ГОДИШНО

    ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ЗАКОНСКИ МОЖЕ ДА ОТСУСТВУВА ОД РАБОТА ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ ГОДИШНОКанцеларија на Управата за водење матични книги во Општина Кисела вода. (Фото: СДК.МК)

    Вработените во јавната администрација може да отсуствуваат од работа секоја година по четири месеци ако го искористат правото на редовен годишен одмор и неплатено отсуство. Законски, на работниците во Македонија им следува годишен одмор од најмалку 20 работни дена, кој што може да достигне 26 работни дена, а според Законот за работни односи, тие може да користат и неплатено отсуство до три месеци во една календарска година.

    Членот 147 од овој закон гласи:

    „Работникот може да отсуствува од работа без надомест на плата и придонеси од плата во случаите и под условите утврдени со колективен договор, но најдолго три месеца во текот на календарската година. За време на неплатеното отсуство на работникот му мируваат правата и обврските од работниот однос“.

    Според општиот колективен договор, работникот може да користи неплатено отсуство во следните случаи: нега на член на семејството; изградба или поправка на стан или куќа; лечење на своја сметка; учество на културни и спортски приредби; учество на семинари, конгреси, конференции и сличнo; како и други случаи определени во колективниот договор на ниво на гранка.

    Исто така, според општиот колективен договор, одлуката за тоа дали работникот ќе користи неплатено отсуство кое изнесува најмногу три месеци во годината, ја донесува работодавачот или лице кое е овластено од работодавачот во зависност од процесот на работа.

    Но, кога државата е работодавач, неплатено отсуство им се одобрува на сите кои ќе побараат, па летово административците масовно заминуваат на сезонска работа во туристичките места од регионот.

    Во приватните компании, не се добива неплатено отсуство така лесно и без реперкусии.

    „Точно е дека заминуваат да работат во летните туристичките места, но законски не може да ги спречиме и да не им одобриме ваков вид отсуство“, вели министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу кој за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека администрацијата на големо зема неплатен одмор и оди да работи на туристичките места. Само од неговото министерство годинава 15 лица зеле неплатен одмор.

    Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера зборуваше за појавата на масовно заминување на административци на сезонска работа, претежно во хотели и ресторани на хрватското приморје. Тој вели дека штом добиваат неплатен одмор, нивните работни места не се потребни и се пошегува дека тие треба да бидат понуедни на приватниот сектор откако ќе се вратат назад во Македонија, бидејќи има 10.000 слободни работни места во приватниот сектор. Дури понуди придонесите во приватните фирми да им ги плаќа државата.

    „Фактот дека можат да добијат неплатен одмор значи дека нивните работни места не се потребни. Имам еден друг предизвик, кога ќе се вратат во септември слободно да ги понудиме на приватниот сектор, ќе дадеме и стимулирање за да се вработат еднаш засекогаш таму каде што најмногу се потребни. Во приватниот сектор во овој момент се потребни 10.000 работници кои не можат да се пополнат. И да, ако има такви кои навистина би сакале да се откажат од луксузот што некој им го дал да бидат дел од јавниот сектор, јас го давам предизвикот во септември да се пријават соодветно на секоја една приватна компанија, ќе ги поддржиме, ако треба придонесите ќе ги плаќа државата само да им обезбедиме работници на приватните компании“, рече Битиќи.

    Идејата административци да им бидат понудени на преземање на приватни фирми е уште од 2018 година, кога министер за информатичко општество и администрација беше Дамјан Манчевски.

    Тој тогаш кажа дека ќе се прави реорганизација и оптимизација на администрацијата и онаму каде што анализата ќе покаже дека може да се укинат институции и работни места, ќе се укинат, некои ќе се спојат, а ќе се формираат и нови институции. На вишокот администрација ќе им биде понудено да бидат ангажирани во приватниот сектор, рече пред пет години Манчевски, кој во 2020 година се повлече од политиката и премина во приватен сектор.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира