ЖИВОТОТ НА ОХРИД ПРЕД ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА НИЗ ФОТОГРАФИИТЕ НА ЈОНЧЕ ПОП СТЕФАНИЈА, ДЕЛА СО ГОЛЕМА УМЕТНИЧКА И ДОКУМЕНТАРНА ВРЕДНОСТ

    ЖИВОТОТ НА ОХРИД ПРЕД ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА НИЗ ФОТОГРАФИИТЕ НА ЈОНЧЕ ПОП СТЕФАНИЈА, ДЕЛА СО ГОЛЕМА УМЕТНИЧКА И ДОКУМЕНТАРНА ВРЕДНОСТРоберт Јанкулоски и Љупчо Поп на отворањето на изложбата во Охрид. (Фото: СДК.МК)

    Изложбата на стари фотографии насловена „Охрид 1940-45“ се отвори синоќа во Куќа на Уранија – МАНУ во Охрид, која претставува ретка можност да се видат фотографии од Охрид снимени во периодот од 1940 до 1945 година од фотографот, охриѓанецот Јонче Поп Стефанија (1915 – 1983).

    Фотографиите се изработени од оригинални негативи, на архивска хартија и истите се од колекцијата на Македонскиот центар за фотографија.

    Фотографија на Јонче Поп Стефанија.

    „Јонче Поп Стефанија бил професионален фотограф. Негативите во Македонскиот центар за фотографија ни ги предаде неговото семејство, неговиот син Љупчо Поп Стефанија, уште пред 20 години, а меѓу многу илјади негативи ги пронајдовме и овие фотографии кои имаат голема документарна вредност а не само фотографска вредност“, вели авторот на изложбата, Роберт Јанкулоски, универзитетски професор и директор на Македонскиот центар за фотографија.

    Фотографија на Јонче Поп Стефанија.

    Од целокупното творештво на Јонче Поп Стефанија изложени се само 33 фотографии. Авторот Јанкулоски вели дека акцент бил ставен на различните пристапи и теми од овој период. На фотографиите е прикажан животот во Охрид за време на војната, граѓаните, војниците присутни во градот и секојдневните активности на Охриѓани.

    Фотографиите се изработени од оригинални негативи, на архивска хартија и истите се од колекцијата на Македонскиот центар за фотографија. (Фото: СДК.МК)

    „Интересни се фотографиите снимени на плажите во Охрид, пристаништето, пристигнување на бугарски, германски и италијански војници, партизаните кои дошле во 1944, како и животот по кафеаните, улиците, портрети на деца, на луѓе. Навистина еден богат, фотографски колорит претставуваат овие фотографии“, вели Јанкулоски. За него фотографијата со војници на пристаниште наликува на кадар од некој филм, а самиот фотограф не бил свесен за таа композиција, за самата поставка, за сенките кои се појавуваат, за позадината. Впечаток остава и фотографијата на која е прикажано големо невреме, снег и луѓе кои влечат санка како и фотографијата со дете, внук од брат на Поп Стефанија, седнато во големо тенџере.

    Фотографија на Јонче Поп Стефанија.

    „Фотографиите го претставуваат животот во Охрид пред почетокот на Втората светска војна значи оној момент кога сѐ уште не се знаело дека ќе има војна, кога луѓето живееле релаксирано. Опфатен е и самиот воен период и таа година после војната. Тоа се фотографии коишто го покажуваат животот на обичниот човек во Охрид но го прикажуваат и животот на војниците и на оние кои времено престојувале во овој град“, вели авторот на изложбата.

    Фото: СДК.МК

    Јанкулоски кажа дека имал среќа што наишол на големо разбирање кај семејството Поп Стефанија кое било свесно дека поседуваат големо богатство кое, доколку се чува во визби се уништува.

    „За да биде едно културно наследство, културно богатство, тоа треба да биде прикажано пред јавноста. Од 2000 година ги презедов фотографиите и до ден денес не е завршена селекцијата на сите фотографии оти тоа е една макотрпна работа од илјадници фотографии, негативи да се изберат најдобрите, да се селектираат, дигитализираат… на крај да се отпечатат на архивска хартија според сите светски стандарди кои денес постојат“, вели Јанкулоски.

    Љупчо Поп Стефанија, синот на Јонче, се присети на колекцијата на негативи од неговиот татко собрана во пакети и кажа дека е горд на тоа што денес фотографиите добиле уметничка и документарна вредност.

    „Ме радува интересот да се види едно друго време, ова е едно ископано богатство“, вели Љупчо Поп Стефанија.

    Од синоќешното отворање на изложбата. (Фото: СДК.МК)

    Јанкулоски се надева дека ќе се обезбедат средства за поголема промоција, голема изложба и монографија од фотографиите на Јонче Поп Стефанија кој потекнувал од фотографско семејство. Неговиот вујко Ставре Попоски е еден од првите фотографи во Македонија кој се стекнал со право за професионално бавење со фотографија. Исто така и постариот брат на Јонче, Благоја Поп Стефанија бил познат фотограф во Охрид пред Втората светска војна.

    „Сѐ уште нема ни една институција којашто професионално се занимава со заштита на фотографијата. Нашиот приватен центар е тој што едвај издржува и не знам до кога. Формиран е 2000 година и е единствената институција која професионално се занимава со заштита, истражување на фотографијата и фотографското творештво и најодговорно можам да кажам дека нашата колекција е поголема од сите државни колекции. Нашата цел од самото формирање е дека ќе најдеме начин да формираме Музеј на фотографија со постојана поставка каде не само овие дела на Поп Стефанија туку од сите градови во Македонија кои ако не ги зачуваме, а голем дел е уништено, на крај нема што да кажуваме. Македонија има богато фотографско минато со кое може да се промовираме и фалиме“, потенцира Јанкулоски.

    Изложбата ќе биде поставена до 19. јули по што фотографиите ќе бидат изложени во Музејот во Битола.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира