На 18 јули во фармацевтската компанија „Алкалоид“ почна процесот на целосна дигитализација и автоматизација на процесите во сегментот Фармација преку имплементација на најсовремениот систем Manufacture Execution System – AlkaMES, соопшти компанијата. Проектот вреди над милион евра.
Пилот-проектот ќе се реализира до крајот на првиот квартал од 2024, а целосниот проект ќе заврши во првиот квартал од 2025.
„AlkaMES е суштински важен проект за управување со процесите, целосна дигитализација и автоматизација на производствените процеси со автоматско собирање податоци од производствената опрема и за функционирање без хартија, кој ќе се реализира во соработка со избраниот партнер ANTSolutions од Полска, компанија со големо искуство со системите за автоматизација и со повеќе од 600 имплементации во 35 земји, која функционира повеќе од 17 години и на повеќе континенти“, велат од компанијата.
Како исклучителна алатка за подобрување на резултатите во работењето, овој систем (софтвер и хардвер) има цел целосна дигитализација на производствениот процес преку надградба и интеграција на постојното функционирање, автоматизација на производствените процеси и опрема, примена на нови модули (со опфат и на Room Management, Container Management, Resource Management), интегрирање со постојните системи AlkaSAP ERP, AlkaT&T (Track&Trace) и BMS (Building Management System), AlkaMOS (Maintenannce Operating System) и AlkaOEE (Overal Equipment Effectiveness), надградба на системот за планирање, како и целосно електронско управување со отстапувања и со девијации во производството.
Покрај тоа, AlkaMES значително ќе ја подобри севкупната ефикасност, овозможувајќи заштеда на вредни ресурси и на време при собирањето податоци, следење и контрола на процесите во реално време и донесување правилни и навремени одлуки врз основа на точни и на ажурирани информации.
Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов рече дека проектниот тим е составен од преку 80 члена, претставници на „Алкалоид“ и на партнерската компанија, поделени во девет тима, кои се врвни експерти, докажано искусни и посветени професионалци во својата професија.